Сиљановска се сретна со македонската дијаспора во Белгија
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамки на работната посета на Брисел, остварила средба со претставници на дијаспората во Белгија.
-Присутните споделија свои искуства од животот и работата во Белгија, посочувајќи ја потребата од постојана комуникација и поцврста поврзаност со македонските институции – соопшти Кабинетот на претседателката.
Сиљановска – Давкова посочила дека географската дистанца не значи и духовно оддалечување од татковината, оти човек може физички да замине од својата земја, но таа не заминува од него.
Таа истакнала дека врските со дијаспората мора да се негуваат, да се шират и да се продлабочуваат, без оглед на етничкото потекло, јазикот или генерацијата на која ѝ припаѓаат иселениците.

Дел од присутните ја истакнале подготвеноста, преку различни проекти, да ги споделат стекнатите знаења и искуства со македонските граѓани, како и својата експертиза и професионалните контакти да ги стават во функција на унапредувањето на трговската размена и поефикасното користење на европските фондови.
Од Кабинетот на претседателката додаваат дека таа потенцирала дека дијаспората не смее да биде само набљудувач на општествените процеси, туку активен и рамноправен партнер во нивното обликување, преку институционално поврзување, размена на знаења и искуства и непосредно учество во креирањето политики.