Филипче вели дека Славески не може да ги продава акциите на битолската Алта банка
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, денеска изјави дека Народната банка на Македонијља нема да може да ги продаде акциите во Алта банка ад Битола, туку дека тоа може да го стори акционерот (Алта банка ад Белград, односно тој кој што го управува стечајот на оваа банка). Тој го повика гувернерот Славески да поднесе оставка, бидејќи, како што посочи „да не заглавува повеќе од тоа што е веќе заглавен“.
„Ги следиме неговите изјави, кои конфузно ги дообјаснува, ги менува. Очигледно е дека обвинува без причина и дека очигледно е дека знае дека во еден момент кога и да дојде тој момент ќе мора да одговара за сето ова што го направи“, рече Филипче.
Тој повтори дека како партија укажувале веќе една година дека на нашиот финансиски пазар влегува субјект кој што не е соодветен, којшто има сомнителни финансиски трансакции, а тоа го потврдија и Европската централна банка и други финансиски институции и сега се повеќе информациите излегуваат на виделина по изборите во Србија.
„Имено, станува збор за банка којашто внимавајте за пет или шест години, за 13 пати и тоа е невидено во банкарскиот сектор, ја зголемила својата актива и тоа е можно само ако станува збор за пари поврзани со криминал, со корупција, со шверзна дрога и така натаму“, рече Филипче.
Тој додаде дека гувернерот Славески „очигледно не постапил по закон“ и како што изјави дека не го познавал газдата, а имал обврска да знае која е газда на Алта банка, затоа што требал да знае со кој човек има работа и каква е репутацијата на газдата на банката којашто влегува на нашиот финансиски пазар.
Филипче рече дека гувернерот посегнува по „некаква си продажба на акциите’, иако не може тој да ги продава акциите, ниту Народната банка на Македонија, туку за тоа одлука треба да донесе тој којшто го управува стечајот на Алта банка во Белград, а тоа е Агенцијата за осигурување на депозитите во Србија.
„Тие треба да ја донесат таа одлука за продажба на тие акции, затоа што парите од продажбата на тие акции ќе одат во стечајната маса на Алта банка во Србија“, рече Филипче.
Исто така тој смета дека процесот зема време.
„Која е таа банка којашто ќе влезе во некоја ваква банка која што има проблем со репутацијата, којашто е под истрага не само во Србија, туку е под будното око насекаде во Европа за сомнителни трансфери на пари коишто се поврзани со Русија и тоа едноставно така брзо нема да може гувернерот да го реши“, рече Филипче.