Мала банка може да создаде големи проблеми
Прашањето е во довербата. Истата онаа доверба во банкарскиот систем која со години државата макотрпно се обидуваше да ја врати и за што потроши милиони евра
Случајот со битолската Алта банка, во сопственост на истоимената банкарска групација со седиште во Белград, соседна Србија, уште еднаш покажа дека е подобро да се спречи отколку да се лечи. Односно, дека кај нас многу почесто се гасат пожари, отколку што се вложуваат напори до нив воопшто да не дојде.
Примери има многу, некои и со трагични последиици. Било да станува збор за пропусти во процедурите, прогледување низ прсти или непочитување на стандардите, или едноставно поради сплет на околности, штетите се потоа големи.
Алта банка ад Битола е мала банка, но сепак, има потенцијал да направи голема „беља“ во македонскиот банкарски простор, но и пошироко, со последици врз целата држава. Колкава е нејзината големина во однос на другите поголеми и системски банки кај нас покажува споредбата на пазарната капитализација – на денот на продажбата тогашна Стопанска банка Битола на Берзата вредеше 24 милиони евра, наспроти, на пример, водечката банка кај нас, Комерцијална банка, чија пазарна капитализација надминува една милијарда евра.
Прашањето е во довербата. Истата онаа доверба во банкарскиот систем која со години државата макотрпно се обидуваше да ја врати и за што потроши милиони тогашни германски марки. Повозрасните сигурно со мачнина во стомакот се сеќаваат на времињата кога нивните девизни заштеди во банките во поранешната федерација станаа само бројка на нивните девизни штедни книшки, но не и вредност со која можеа да располагаат. Подоцна, самостојна Македонија мака мачеше да ја надмине таквата состојба, издавајќи државни обврзници со кои можеше да се купи удел во некоја од фирмите во процесот на приватизација, или да се продадат на пазарот на капитал, но по значително пониска цена, дури и преполовена. Или, да чекаат со години и на „капка“ да ги добиваат парите кои со години ги штеделе, или ги добиле од некој близок на работа во странство.
Тоа како да не беше доволно. Фијаското на пирамидалната штедилница ТАТ од Битола однесе во ветар 120 милиони тогашни германски марки, или 60 милиони евра. Бројка од која се врти во главата и сега, а не на 7 март 1997 година кога пукна аферата која оштети 13 илјади граѓани, со трагични последици врз некои од нив во годините што следеа.
Како афтершокови по силен земјотрес пропаднаа и други помали пирамидални штедилници, но имаше и силни банкарски потреси на кои им кумуваа разни партиско-финансиски спреги. Само ќе наброиме некои од нив: Алмако банка, Експорт-импорт, Македонска банка, Поштенска банка, па сѐ до последниот случај, одземањето на дозволата на Еуростандард банка во 2020 година поради несолвентност и висок ризик, како што беше тогаш образложено.
За среќа, сржта на македонскиот банкарски систем, или таканаречените системски банки, остана здрава, што овозможи довербата во банките полека, но континуирано, да се зголемува, за што доказ е и нивото на заштеди кои граѓаните ги довериле на банките и обемот на кредити кои се во стабилен пораст. Да не беше случајот Алта банка, сигурно наместо објавување на мерките од НБМ, на 31 октомври, Светскиот ден на штедењето, многу повеќе ќе се зборуваше за штедачите и заштедите, кои, поради скандалот, поминаа речиси нечујно.
Затоа е многу важно случајот Алта банка да се задржи во контролирани граници, за големата недоверба која сега ја има кај битолчани (изгорени уште од ТАТ) да не се прошири и кај другите. Алта банка ад Битола иако е мала банка по обем, таа има филијали во повеќе градови во земјава, што значи дека не се афектирани само граѓаните во Битола.
Дали мерките на Народната банка се адекватни? На ова прашање има покомпетентни луѓе кои можат да дадат одговор, а некои кои ги консултиравме велат дека е добра брзата реакција со која настапила централната банка што спречила од банката неконтролирано да се одлеат повеќе пари од оние 2 милиони евра кои беа логична реакција на штедачите кои побрзаа да спасат што може да се спаси.
Повторно доаѓаме до главното прашање, дали сево ова можеше да се спречи, а не да се лечи.
Одговорот би бил дефинитивно – да, доколку акционерите на битолската банка ја прифатеа понудата за преземање од Комерцијална банка. Дали тогаш некој им „шепна“ да одбијат и да почекаат друга можност по веќе очекуваната смена на власта кај нас, останува во сферата на шпекулациите.
Гувернерот Трајко Славески вели дека доколку не се продадеше, Стопанска банка Битола до сега ќе мораше да стави клуч на врата, како и дека последните пет години била под засилен супервизорски надзор. Од друга страна, опозицијата притиска заради биографијата на сопственикот на белградскиот акционер, Давор Мацура, и контроверзите кои го следат, како и поврзаноста со до неодамна владејачката гарнитура во Србија.
Кој е во право одговор можеби ќе даде Надзорната расправа во собраниската Комисија за финансирање и буџет, под услов пратениците и другите кои ќе учествуваат во расправата да се фокусираат на главните причини, а не на взаемни обвинувања кој е поголем виновник.
Јавноста исто така очекува одговор и на информациите кои потекнуваат од Србија, но и од домашната опозиција, за милионски трансфери на пари од Белград кон Скопје и понатаму кон Москва, потоа за перење пари и други криминални активности.
Во секој случај, ваквите (дез)информации не ѝ одат во прилог на нашата земја, и покрај уверувањата дека такво нешто немало.
Или, ако сепак имало, како се споровела целата акција (ако биле готовински трансфери, со алатките за вештачка интелигенција лесно може да се провери дека 380 милиони евра, колку се тврди дека биле земени од трезорот на банката во Белград, во волумен изнесуваат околу 4 кубни метри, ако се во банкноти од по 100 евра и тешки 3.800 килограми). Циниците коментираат дека ако во едно шише за префрлање преку граница собрало 750 илјади евра, тогаш не е проблем да се пренесе и оваа сума пари. Или, ако можеле да се префрлат пет тони канабис преку граница, зошто не и пари?
Народната банка сака целата приказна со Алта банка ад Битола да заврши што побрзо и секако, да има среќен крај. Тоа најмногу би го сакале штедачите и комитентите на банката.
Но, дали е тоа можно во краток рок?
Централната банка даде рок од три дена (кој веќе истекува) акционерот (Алта банка Белград, односно на институцијата која сега раководи со стечајот) за да ги продаде акциите кои ги има во Алта банка Битола и кои се 95,175 отсто од вкупниот број акции во банката. Ако не, тогаш НБМ тоа самата ќе го стори, за што има законско покритие, на берзанска аукција на која право би имале да учествуваат заинтересирани инвеститори, кои за тоа претходно ќе добијат дозвола од НБМ.
Познавачите, меѓу нив и поранешни високи функционери во централната банка, се скептични дека целата процедура ќе може да се реализира во краток рок, потсетувајќи на времето потребно да се даде претходната понуда за преземање, но и сегашната нова ситуација, која ќе бара нови анализи, длабински снимањеа (дју дилиџенс) на билансите, можните ризици, или едноставно тактизирање за да се постигне поповолна цена.
Таквиот развој, дополнително ќе ги засили сите ризици кои произлегуваат од сегашната состојба.