Вакцините против овчите сипаници му пресудија на директорот на АХВ
Болеста беше дијагностицирана во јануари 2026, а веќе во јули се имаше проширено на половина територија од државата
БИТОЛА – Вакцините против овчата сипанци му „пресудија“ на првиот човек на Агенцијата за храна и ветеринарство Оливер Миланов, кој вчера си поднел оставка.
На негово место е назначен Јовица Андовски, досегашен заменик-министер за здравство.
Веста за Миланов ја потврди Социјалистичката партија на Македонија која на Фејсбук објави: „Неговиот вложен труд и несебичен ангажман, високо оценети во СПМ и во јавноста, претставуваат негов личен залог за идно извршување на одговорни и високи должности во ресорот на извршно ниво“.
Миланов ја презеде функцијата во летото 2024 година. Тој се повлекува од челната позиција на АХВ во услови кога сточарството во Македонија ги живее најтешките денови, кога над 10.000 овци угинаа од овча сипаница.
Засега Миланов нема објавено зошто одлучил да поднесе оставка. Вчера на Фејсбук во политички жаргон објавил за вакцините без да спомене за оставката. „Ветено – исполнето! Денес пристигнаа 400.000 дози вакцини против сипаници кај овците и козите на аеродромот во Скопје од Турција! Како што ветив, ги обезбедивме потребните вакцини и започнуваме со спроведување на итната вакцинација на целата територија на државата, согласно Планот за итна вакцинација одобрен од Европската унија. Здравјето на животните и заштитата на сточниот фонд остануваат наш врвен приоритет“, напиша Миланов
Насер Џемаили претседател на „Сојузот модерен сточар“, неколку дена пред оставката на Миланов најави протести поради задоцнетите вакцини за овците кои се соочуваат со заразната болест и побара оставка од директорот на АХВ, затоа што „по трет пат ги излажа сточарите“.
Џемаили денес за „Независен“ изјави дека оставката на Миланов е поради протисокот од незадоволството на сточарите.
„Ние од порано видовме дека директорот заглави, не може да функционира, не може да се организира. Доцнеше со вакцините и затоа настана цел овој хаос со болестите, ние видовме дека е потребно да си даде оставка. Го цениме тоа што нашиот глас стигна до Владата. Очекуваме новиот директор да биде поорганизиран, инаку пак ќе протестираме“, изјави Џемаили.
Џемаили вели дека сточарите се соочуваат со сериозни проблеми.
„Додека вакцините доцнат, овчарите ги затекнува зимата и снегот на планините, што дополнително го отежнува навременото спроведување на вакцинацијата и ја зголемува загриженоста за здравјето на стадата. Потребна е итна реакција, пред последиците да станат уште посериозни“, повика Џемаили.
Зоран Атанасов, поранешен директор на Агенцијата за храна и ветеринарство, на својот Фејсбук профил пред четири дена објави анализа за состојбите со овчата сипаница кај овците и козите и наведе дека економската штета кај сточарите е над 1,4 милиони евра.
„Додека некој сака црното да го прикаже бело, да спомнеме неколку факти за состојбата со болеста сипаници кај овците и козите во Македонија. Пазарната вредност на една овца/коза е помеѓу 150 до 300 евра или 9.000-18.000 денари. До 28 август 2026 г. потврдена е болеста кај 9.618 грла… Досега економската штета само во губиток на животните без изгубена добивка од 3.000 денари субвенција по грло, производство на млеко/сирење и јагне е околу 1.403.000 евра или 86.562.000 денари ако сите овци и кози се проценети на вредност од 9.000 денари“, проценува Атанасов, поранешен директор на АХВ од редовите на СДСМ.
Атанасов смета дека сами по себе се наметнуваат неколку прашања, ако се знае дека првпат во Македонија болеста е дијагностички и лабораториски потврдена во јануари 2026 година, а во јули веќе е лабораториски потврдена на половина од територијата на државата.
„Зошто уште во јули не е извршена набавка на вакцината која државата би ја платила околу 1.700.000 – 2.000.000 денари со сите трошоци? Кога ќе започне долго очекуваната вакцинација? Ќе има ли одговорност за лошото управување при спречувањето на ширењето и искоренувањето на болеста и нанесената штета на буџетот на РСМ?“, наведува Атанасов.
Инаку последната информација која се однесува и на сточарството во Македонија е дека се подготвува новиот Предлог-закон за здравје на животните кој ќе предвидува задолжителна регистрација и идентификација на животните, евиденција на нивното движење, построги мерки за спречување зарази и поголема одговорност на одгледувачите. Одгледувачите, операторите, ветеринарните друштва и другите субјекти ќе имаат јасно утврдени обврски за спречување и контрола на болестите.
Според објавите, за непочитување на новите правила се предвидени значителни парични казни. За правните лица глобите се движат од 300 до 6.000 евра во денарска противвредност, зависно од големината на трговецот. За микротрговците казната е од 300 до 600 евра, за малите од 600 до 1.000 евра, за средните од 1.000 до 2.000 евра, а за големите компании од 3.000 до 6.000 евра. Дополнително, казни ќе има и за одговорните лица во компаниите. За нив глобите се движат од 200 евра за микротрговците до 450 евра за големите трговци. За физичките лица е предвидена глоба од 200 евра во денарска противвредност.