Гази Баба започна бесплатен офталмолошки скрининг за учениците во основните училишта


Со проектот, како што информираат од Општината, Гази Баба е првата општина во Македонија што организира ваков вид превентивни прегледи за сите основци на својата територија.

Првите активности се реализираа во ООУ „Крум Тошев“ во Трубарево, кое го посети градоначалникот Бобан Стефковски. Во наредните денови скринингот треба да продолжи и во останатите основни училишта во општината.

Целта на проектот е навремено откривање на можни проблеми со видот кај децата, како и нивно упатување на дополнителни офталмолошки прегледи доколку се утврди потреба. Проблемите со видот понекогаш остануваат незабележани, а можат да влијаат врз концентрацијата, учењето и секојдневното функционирање на учениците.

„Здравјето на децата е наша најголема одговорност, а нивната благосостојба мора да биде приоритет на секоја локална самоуправа“, истакна Стефковски, нагласувајќи дека преку проектот на сите ученици им се овозможува бесплатен скрининг.

Општината упати благодарност до „Промедика“ и „Систина Офталмологија“ за поддршката и вклученоста во реализацијата на проектот.