Унгарија избра нов главен обвинител за борба против корупцијата по падот на Орбан

Довербата на јавноста во обвинителството опадна за време на 16-годишното владеење на Орбан


Новиот главен обвинител Петер Фејеш

 

Унгарските пратеници во вторникот избраа нов главен обвинител, како дел од напорите на премиерот Петер Маѓар да ги повика на одговорност националистичкиот поранешен лидер Виктор Орбан и неговите сојузници поради наводна корупција.

Парламентот го потврди Петер Фејеш, обвинител со долгогодишна кариера кој неодамна замина во пензија, за оваа висока функција, во момент кога истрагите за корупција на високо ниво во оваа централноевропска земја добиваат на интензитет.

Три поранешни министри се наоѓаат во притвор, меѓу кои и поранешен гувернер на централната банка, кого Орбан своевремено го нарекуваше своја „десна рака“.

На тајно гласање во законодавниот дом со 199 пратеници – каде што партијата Тиса на Маѓар држи повеќе од две третини од местата – Фејеш доби 139 гласа „за“ и шест „против“.

Партијата Фидес на Орбан и нејзиниот сојузник КДНП го бојкотираа гласањето.

„Во име на сите Унгарци, Ви посакувам многу успех во работата. Треперете, крадци! А и сите други криминалци!“, напиша Маѓар на Фејсбук, веднаш откако Фејеш положи заклетва во парламентот за својот деветгодишен мандат.

Довербата на јавноста во обвинителството опадна за време на 16-годишното владеење на Орбан, при што критичарите ја обвинуваа оваа високо централизирана институција дека го штити најтесниот круг соработници на премиерот од истраги.

65-годишниот Фејеш изјави дека сака да ја врати изгубената доверба во обвинителството, меѓу другото, и преку ставање акцент на тоа правната работа да биде „ослободена од политика“.

По неговиот избор во парламентот, Фејеш се извини за „одредени одлуки донесени од Јавното обвинителство во последно време, или за неговото непостапување, што оправдано и основано го повреди чувството за правда кај јавноста“. Минатиот месец, парламентот го отфрли првиот кандидат на претседателот Андраш Бака за главен обвинител, откако се појавија информации дека неговиот брат е поврзан со случајот познат како „златен конвој“.

Пред парламентарните избори во април, на кои Орбан загуби од Маѓар, унгарските безбедносни сили запреа возила што припаѓаа на украинска државна банка, а кои транзитираа низ земјата.

Тие приведоа седум вработени и запленија милиони долари, евра и златни прачки.

Унгарската даночна управа соопшти дека постапила во рамките на истрага за перење пари, но приведените набргу беа ослободени, а запленетите средства им беа вратени. Првичниот случај на крајот беше затворен.

Беше отворена посебна истрага за наводни прекршувања на правата за време на таа операција.

Во јуни, главниот обвинител за тој случај, Пал Фурхт, поднесе оставка, тврдејќи подоцна дека неговите претпоставени ја попречувале истрагата и дека доказите укажуваат оти токму Орбан ја наредил операцијата.

Други истраги добија на интензитет откако Орбан ја загуби власта.

Поранешниот гувернер на централната банка, Ѓерѓ Матолчи – кој претходно беше и министер за економија – беше уапсен минатиот месец поради „економска измама што предизвикала особено голема финансиска штета“, а против неговиот син Адам, осомничен како соучесник, беше издадена меѓународна потерница.

Уште двајца поранешни министри се во притвор од септември поради наводна корупција, за која се верува дека предизвикала загуби од милиони долари во јавните средства.

Орбан ги окарактеризира овие две истраги како „политички мотивирани“ дејствија, чија цел е тој да биде затворен, а неговата партија уништена.