ЛДП гневна на шокантните изјави на Богојески: Дали „машкиот надзор“ е новата владина политика?!
Некаков средновековен „машки надзор“ е скандал од невидени димензии, реагира со огорченост Либерално-демократската партија (ЛДП) на огласувањето на коалициониот партнер на власта на национална телевизија, со отворено оправдување на насилството врз жените!
Имено, вчера, во дебатна емисија на „Алфа“ телевизија, лидерот на Mакедонски концепт, Петар Богојоски го оправдуваше насилството на мажот врз жената.
„Ова е директен атак врз достоинството, слободата и безбедноста на секоја жена во Македонија. Го прашуваме Премиерот да одговори веднаш: дали ова е официјалниот став на Владата и дали токму поради вакви шовинистички сфаќања во сопствените редови со месеци се блокира и не се изгласува законското решение за електронски нараквици за насилниците?“, велат од ЛДП.
„Особено е алармантно што ваквото дивјаштво го промовира професор на Воената академија ‘Генерал Михаило Апостолски’. Воената академија и Министерството за одбрана должат итни одговори пред јавноста – дали вака се обучуваат идните офицери на македонската Армија и дали од нив утре треба да очекуваме тепање на нивните колешки, сопруги, ќерки и сите граѓани?“, прашува лидерката на ЛДП и пратеничка во Собранието, Моника Зајкова, која во неколку наврати го предложи законското решение за носење на електронска нараквица за осудените престапници за домашно насилство.

„Токму за ваквите скриени и потенцијални насилници како дотичниот владин партнер е потребно итно донесување на ова законско решение,“ заклучува Зајкова.
Доколку Премиерот, Владата и Министерството за одбрана веднаш јавно не се оградат и не го осудат овој говор на омраза, ЛДП ќе ги смета за директни соучесници и главни виновници за секој нов подигнат глас, за секој удар и за секоја следна жртва на семејно насилство во државата.
Прекинете со глупави изговори – изгласајте го законот за електронска нараквица веднаш!, повикува ЛДП.