Мозочниот удар сè почесто ги погодува и младите: Најмладата имала само 16 години


 

Во Македонија годишно се регистрираат околу 5.000 случаи на мозочен удар, а лекарите предупредуваат дека во последните две години се зголемува бројот на пациенти помлади од 50 години.

​​​​​​​Најмладата пациентка лекувана на Клиниката за неврологија имала само 16 години.

Предупредувањето го упати директорот на Универзитетската клиника за неврологија, д-р Јован Божиновски, по повод Светскиот ден на мозочниот удар, кој се одбележува на 29 октомври. Според него, мозочниот удар може да се случи на која било возраст, иако почесто ги погодува лицата над 50 години и оние со нерегулирани ризик-фактори.

Според податоците што ги презентираа лекарите, во земјава годишно има од 200 до 300 случаи на мозочен удар на 100.000 жители. Дополнителен предизвик е тоа што дел од пациентите доаѓаат во болница предоцна, кога веќе е поминат временскиот прозорец за примена на тромболитична терапија, која се користи за разбивање на згрутчувањето што го блокира протокот на крв во мозокот.

На Клиниката за неврологија годишно околу 100 пациенти добиваат ваква терапија, а таа се применува и во уште неколку здравствени установи во земјава. Божиновски оцени дека бројот на лекувани пациенти би требало да биде поголем и посочи дека доцнењето во пристигнувањето во болница е една од причините поради кои не секој пациент може да ја добие терапијата.

Во рамки на активностите за подигнување на свеста, на плоштадот „Македонија“ биле прегледани 174 граѓани. Кај 39 проценти биле утврдени ризик-фактори, меѓу кои покачен крвен притисок, шеќер и маснотии во крвта. На Клиниката за неврологија биле направени и бесплатни доплер-прегледи на каротидните артерии, при што кај дел од пациентите биле откриени наоди за кои се потребни дополнителни испитувања.

Министерот за здравство Сашо Клековски истакна дека мозочните и срцевите удари се меѓу главните причини за предвремена смртност. Тој најави соработка со Клиниката за неврологија за подобрување на патеките низ здравствениот систем, со цел пациентите побрзо да стигнуваат до соодветна дијагностика и терапија.

Лекарите потсетуваат дека брзото препознавање на симптомите е од клучно значење. Ненадејна слабост или одземеност на лицето, раката или ногата, особено на едната страна од телото, како и ненадејни тешкотии во говорот, се знаци за кои веднаш треба да се побара итна медицинска помош.