Мицкоски очекува добри економски односи со Србија по смената на власта


 

Премиерот Христијан Мицкоски очекува со новите власти во Србија по формирањето на владата двете земји да соработуваат добро, најмногу во економијата.

Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за изборните резултати во Србија по промоцијата на мобилната апликација „м.Услуги“, рече дека веќе разговарал со носителот на Студентската листа, Илија Срдановиќ, кому му ја честитал победата 

„Очекувам како добри соседи да работиме на подобрување на економијата, и во едната и во другата земја. Веќе се слушнав со носителот на листата, г. Срдановиќ, каде што ја честитав изборната победа. Како добри соседи, се разбира, помеѓу првите ја истакнавме честитката“,изјави премиерот.

Тој беше прашан и за коментар на обвинувањата кои доаѓаат од опозицијата по поразот на Александар Вучиќ и Српската напредна партија. Тој рече дека од него ѝ е простено на опозициската СДСМ, а останатото, како што кажа, останува на нив.

„Јас им се извинувам граѓаните што во периодот којшто следи ќе бидат сведоци на една ваква кампања што изобилува со ад хоминем, со навреди, со многу ниски страсти што опозицијата ќе ги упатува кон мене, во најголема мерка. Од мене им е простено, а останатото останува на нив“, рече Мицкоски.

Од опозицискиот СДСМ вчера наведоа дека по поразот на Александар Вучиќ на изборите, во Србија ќе бидат отворени истраги кои, како што кажа партиската портпаролка Богданка Кузеска, ќе доведат до разврска на сите криминални соработки меѓу српските власти и премиерот Христијан Мицкоски.