Антје Ванделт: Вложувањата во инфраструктура во земјата значи и зголемување на конкурентноста на пазарот на глобално ниво


Развојот на транспортната инфраструктура и условите за работа на компаниите во Северна Македонија, беа во фокусот на денешната средба на компаниите членки на Македонско-Германското стопанско здружение и германските инвеститори во земјата со вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски, соопштија од АХК.

Меѓу прашањата од особено значење за компаниите се состојбата и пристапноста на пристапните патишта до производствените капацитети, подобрувањето на сообраќајната поврзаност, интеграцијата на електромобилноста, јавниот превоз до индустриските и производствените капацитети, како и условите за меѓународните професионални возачи.

Антје Ванделт, директорка на АХК Северна Македонија и раководен член на Управниот одбор на Македонско-Германското стопанско здружение, ја истакна клучната улога на функционалната и развиена инфраструктура за економскиот развој и конкурентноста на земјата.

„Околу 70 проценти од извозот на Северна Македонија е насочен кон Европската Унија, а речиси 40 проценти од вкупниот извоз е наменет за Германија. Ова покажува колку е тесно поврзана Северна Македонија со европскиот пазар и колку е значајна развиената транспортна инфраструктура за конкурентноста на земјата. За компаниите кои се дел од европските синџири на снабдување, навремената испорака, сигурните транспортни правци и предвидливите логистички трошоци се од суштинско значење. Затоа ги поздравуваме тековните и планираните инвестиции во транспортната инфраструктура, особено развојот на клучните европски транспортни коридори. Истовремено, во нив гледаме можности за натамошно продлабочување на германско-македонските економски односи. Германските компании располагаат со иновативни технологии, богато искуство и квалитетни услуги во оваа област и се заинтересирани да се вклучат како партнери и во идните инфраструктурни проекти. Навременото информирање за планираните проекти и транспарентните тендерски постапки можат значително да придонесат за тоа. Инвестициите во инфраструктурата се инвестиции во иднината и во долгорочната конкурентност на Северна Македонија“, изјави Ванделт.

Инвестициите во транспортната инфраструктура не придонесуваат само за побрз и посигурен транспорт на стоките. Тие ја подобруваат и мобилноста на вработените, го олеснуваат проширувањето на постојните производствени капацитети и создаваат важни предуслови за нови инвестиции.

Добро развиената и сигурна инфраструктура е значаен фактор за долгорочната привлечност на Северна Македонија како дестинација за странски инвестиции.

Македонско-Германското стопанско здружение ги обединува интересите на своите компании членки и се залага за конструктивна соработка со надлежните институции. Заедно со АХК Северна Македонија, која е дел од мрежата на германските комори во светот придонесува за натамошно подобрување на деловното опкружување и за продлабочување на германско-македонските економски односи, се вели во соопштението до медиумите на АХК Северна Македонија, која е дел од мрежата на германските стопански комори во странство.