Савески: Сите кандидати за нов шеф на ОЈО ГОКК се докажани професионалци
Во тек е изборот на нов раководител на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), на кој 187 јавни обвинители со право на глас избираат меѓу пет кандидати – Фатон Азизи, Трајче Пеливанов, Лидија Раичевиќ, Искра Хаџи Василева и Јован Цветановски.
Гласањето започна во 8 часот и ќе трае до 16 часот, по што резултатите ќе бидат сумирани на јавна седницa што МИА ќе ја пренесува во живо.
Изборниот процес го спроведува Комисијата формирана од Советот на јавните обвинители, во состав Ермон Незири, Светлана Стојковиќ и Кети Петкова.
Републичкиот обвинител, Ненад Савески, по гласањето, оцени дека станува збор за значаен демократски процес во кој обвинителската фела непосредно одлучува кој ќе раководи со Oбвинителството надлежно за гонење организиран криминал и корупција.
– Ова е значаен процес бидејќи обвинителската фела одлучува кој ќе раководи со ова Oбвинителство. Се надевам дека избраниот јавен обвинител доследно ќе одговори на задачите што стојат пред него и дека заеднички ќе придонесеме за зајакнување на довербата во институцијата и за јасно покажување ефикасна борба против организираниот криминал и корупцијата – изјави Савески.
Тој нагласи дека значењето на ОЈО ГОКК ги надминува рамките на обвинителскиот систем.
– Сите сме свесни колку е значајно ова Oбвинителство не само за јавнообвинителскиот систем, туку и за имиџот на нашата земја – рече Савески.
Во однос на кандидатите, тој посочи дека сите се докажани професионалци.
– Кој и да биде избран, нема да биде погрешен избор. Напротив, сите имаат професионални капацитети и верувам дека секој од нив подеднакво ќе може да одговори на задачите што претстојат – изјави Савески.

Членот на изборната комисија во Јавното обвинителство Елвин Вели информира дека гласањето се одвива непречено.
– Изборниот процес започна во 8 часот и непречено се одвива. До моментот на давањето на изјавата гласаа 10 од вкупно 11 обвинители запишани на избирачкото место во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија – рече Вели.
Петмината кандидати ги претставија своите програми пред Советот на јавните обвинители на 13 октомври. Во фокусот на нивните програми беа јакнењето на истражните капацитети, борбата против корупцијата и перењето пари, финансиските истраги, ефикасноста во постапувањето и поголемата независност на обвинителството.
Изборот се спроведува поради истекување на мандатот на актуелниот раководител на ОЈО ГОКК, Ислам Абази, кој беше избран на функцијата во октомври 2022 година. Огласот за избор беше објавен во „Службен весник“ на 21 август годинава