Цветановски од ЛДП: Стоп за новото лудило на Владата – народот гладува, администрацијата расте!


Членот на Извршниот одбор на Либерално-демократската партија (ЛДП), Дејанчо Цветановск смета дека е крајно  неприфатливо Владата да отвора пат за ново зголемување на администрацијата додека граѓаните едвај го преживуваат месецот, бројат денари за храна и сметки и се прашуваат како да ги прехранат своите семејства.

„Наместо да инвестира во дигитализација, вештачка интелигенција и поефикасни институции, власта ризикува да создаде уште поскап систем што повторно ќе го плаќаат граѓаните. Народот го стега ременот, а власта ги стега редовите на партиската машинерија! Ова ли е нивната визија за модерна Македонија? Поголеми трошоци, повеќе бирократија и институции во кои партиските интереси ќе бидат поважни од стручноста и квалификациите?

Ова опасно потсетува на времето на Груевски, кога јавната администрација се претвораше во партиски плен, а граѓаните ја плаќаа цената на политичките пресметки. Не смееме повторно да дозволиме државата да се претвори во сервис за партиите на власт.

Секој човек што чесно работи заслужува сигурност, достоинство и соодветна заштита. Но, тоа не смее да биде изговор за заобиколување на критериумите, занемарување на квалификациите и создавање дополнителен товар врз јавните финансии. Потребни се транспарентни постапки, професионална администрација и еднакви можности за сите, а не решенија што отвораат сомнежи за партиски вработувања“, посочува  Цветановски.

Според него, кога сето ова се случува во време на сериозни економски притисоци врз семејниот буџет, неизбежно се поставува прашањето: дали Владата ги решава проблемите на граѓаните или си ја подготвува партиската инфраструктура за следните избори?

„Време е да кажеме СТОП на политиките што ја прават државата поскапа, а животот на граѓаните потежок! Македонија има потреба од помалку бирократија, повеќе дигитализација, стручни кадри и функционални институции, не од нови партиски апетити на сметка на народот.

Доста народот плаќаше, а партиите профитираа – државата не е партиски плен, а јавните пари не се изборен фонд на власта!“- смета тој.