Јаневска: Во моментов нема пријави за корупција во образованието


 

Во моментов нема пријави за корупција во образованието, а доколку има – ќе се постапи според закон, нагласи министерката за образование и наука, Весна Јаневска, во изјава за медиуми, пред почетокот на Националниот форум „Млади за интегритет – од гласот на младите до институционални промени“, што се одржува денеска во Скопје.

Министерката се заблагодари на „Аналитика“ за спроведување на овој проект со поддршка на германската Влада и германската Амбасада во земјава, затоа што, нагласи, е од исклучително значење за целото општество и служи за подигање на свеста кај младите во борбата против корупцијата.

-​ Од позиција на министер за образование и наука, сметам дека училиштата не се само средини каде што се стекнуваат знаења, компетенции и вештини, туку каде што се гради личност со интегритет и со вредносен систем. ​Учениците во нашата земја, освен преку проекти за борбата против корупцијата и негативните влијанија во општеството, учат преку предмет – граѓанско образование. Но, такви теми има и во другите предмети, што значи дека застапени се оние знаења што тие треба да ги стекнат за време на процесот на образование. Но, секако, ваквите проекти исклучително многу влијаат и се од помош за развивање на свесноста и за спроведување на соодветни постапки при несаканите активности, еве да речеме во образовниот систем – додаде таа.

На новинарско прашање, таа истакна дека учениците треба да се научат дека оценката треба да биде заслужена и дека оценката е нешто што гради вредносен систем.

– Ова го кажувам заради општопознатиот пример дека кај нас бројни ученици имаат петки, а не се еквивалент на нивното знаење. ​Тие треба да научат дека и да згрешат, не е страшно да ја прифатат одговорноста и не треба да бегаат од евентуалните последици, туку да научат на кој начин да се справуваат со тоа. Во минатото имаше примери на пријавена корупција во високото образование и одреден број на професори, за кои беше докажано такво однесување, ги поднесоа последиците според закон, така како што следи. Иако се зборува во јавноста, дека постојат, сè уште, одредени такви примери – нема пријавено, нема конкретни пријави на кои би можело да се постапува. Во моментот кога ќе ги добиеме, ние, секако, дека ќе постапиме по закон – нагласи Јаневска.

Таа додаде дека и на анонимни пријави, доколку постои некаква неправилност во работењето на училиштата, ДПИ постапува и носи записник.