Мицкоски и Јаневска денеска ќе разговараат со студентите за нивните проблеми, меѓу кои и за оброкот
Денеска студентските претставници ќе се сретнат со премиерот и министерката за образование и наука, со цел да ги презентираат актуелните проблеми со кои се соочуваат. Во фокусот на средбата се очекува да биде барањето за зголемување на субвенционираниот студентски оброк.
Средбата се одржува по обвинувањата од дел од студентските собранија дека износот на студентскиот оброк не е зголемен три години и дека надлежните не ги почитуваат законските одредби.
Студентите посочуваат дека сегашниот износ не е усогласен со стапката на инфлација. Согласно законските измени од 2023 година, субвенционираниот студентски оброк беше зголемен од 120 на 140 денари, со предвидена годишна корекција согласно инфлацијата. Сепак, според студентските претставници, оттогаш износот не е зголемен ниту за еден денар.
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, денеска ги демантираше ваквите обвинувања.
„Нема кршење на законот. Затоа што во 2023 година ми е покачено повеќе од инфлациската стапка — покачено е за 20 денари, што е повеќе од инфлациската стапка. Потоа имаме пишани документи во кои студентите велат: Не сакаме покачување, сакаме проширување на квотата. Ние сме ја прошириле квотата. До моментот на нивното барање важи тој договор. Значи, и покачувањето од 20 денари ја покрива 2025 година, односно и дел од 2026 година, до нивното ново барање. Од нивното ново барање, за кое заеднички сме се согласиле, сега разговараме понатаму за тоа што тие сакаат. Всушност, ние сега ги слушаме нивните барања“, изјави министерката Јаневска пред медиумите.
Со амандман на ребалансот на Буџетот се бара 200 денари за оброк
За што друго ќе се разговара на средбата?
Според најавите, на денешната средба ќе се разговара и за воведување ваучерски систем, по примерот на Словенија. Со овој модел, средствата за субвенциониран студентски оброк би можеле да се користат исклучиво за купување храна во одредени продавници, ресторани и бифеа. Тоа би претставувало промена во однос на актуелниот систем, според кој студентите добиваат по 840 денари неделно, кои можат да ги трошат по сопствен избор, вклучително и за производи што не се храна, како цигари и алкохол. „Нашата понуда им е кажана. Тие треба да одлучат што сакаат. Ваучерскиот систем прво треба да го прифатат. Доколку го прифатат, ќе преговараме. Па, јас веќе еднаш изјавив дека, ако ја пресметаме инфлацијата за оваа година, таа ќе изнесува 147 денари, што сметам дека на НИФ нема да им значи многу. Ќе разговараме за други суми, ќе разговараме за други суми и ќе видиме до кое решение ќе дојдеме. Штом дојдеме до некакво решение, вие ќе бидете информирани“, доаде Јаневска.
Средбата е закажана за во 01.15 часот, а најавени се и изјави на студентите после истата.