Дачиќ: Во Белград е извршен терористички напад врз полицаец, ја обезбедувал израелската амбасада
Во Белград синоќа беше извршен терористички напад врз припадник на полицијата кој ја обезбедувал израелската амбасада, а српските власти го подигнаа нивото на безбедносна закана од тероризам на највисоко ниво, изјави српскиот министер за внатрешни работи во технички мандат Ивица Дачиќ.
Според Дачиќ, напаѓачот кој е малолетник и чиј идентитет се уште не е утврден, го нападнал полицаецот со два ножа извикувајќи „Алаху акбар“.
Припадник на жандармеријата го убил напаѓачот во самоодбрана, при што и самиот е повреден.
Дачиќ објасни дека безбедносната закана е подигната на највисоко, црвено ниво, и дека полицијата ќе го зголеми надзорот и присуството на локации од посебно безбедносно значење, вклучувајќи инфраструктурни објекти и места за собирање на голем број граѓани.
Дачиќ, исто така, рече дека безбедносните служби го следеле напаѓачот и дека, според достапните информации, тој бил поддржувач на ИД. Тој имал црно знаме и симболот на таа организација на својот Инстаграм профил, додаде тој.