Срдановиќ се оградува: Никој од нас никогаш не повика на реваншизам


epa13331714 Ilija Srdanovic, lead candidate of the 'Student List', celebrates following Serbia's snap parliamentary election in Belgrade, Serbia, 25 October 2026. Approximately 6.5 million eligible voters were called to the polls to elect lawmakers for a four-year term. EPA/ANDREJ CUKIC

Новата влада на Србија ќе продолжи со европската интеграција и дијалогот за нормализација на односите со Косово, а договорите склучени од претходната власт ќе ги почитува доколку се во согласност со српските закони и меѓународните правни акти. Ова го најавува Илија Срдановиќ, носител на Студентската листа, која победи на вонредните парламентарни избори на 25 октомври.

Во интервју за „Увид“ на Радио Слободна Европа, Срдановиќ вели дека една од главните задачи на новата власт ќе биде враќањето на владеењето на правото, слободата на медиумите и функционирањето на институциите. Најавува и отворање дијалог со граѓаните за прашањата на надворешната политика, вклучително и односите со Русија, наместо одлуките да зависат од ставот на еден човек.

„Ќе отвориме дијалог и ќе им дадеме можност на нашите граѓани да го изберат правецот што мислат дека е најдобар за нив. Но, тој дијалог мора да биде отворен и транспарентен, а не обликуван од режимот на начинот на кој го живееме во последните 15-20 години“,вели Срдановиќ.

Студентската листа произлезе од двегодишните протести против корупцијата и за владеење на правото. Нејзината политичка стратегија беше организација без формален лидер, а по изборната победа останува отворено прашањето кој ќе биде кандидат за премиер.

„За секое кадровско решение ќе биде избран кандидатот за кого заеднички веруваме дека ќе го направи најдоброто во интерес на граѓаните на Србија“,вели Срдановиќ.

Тој не ја исклучува ниту можноста самиот да биде кандидат за премиер, но нагласува дека конечните кадровски решенија ќе ги донесе мнозинската пратеничка група на Студентската листа по официјалното објавување на изборните резултати и почетокот на постапката за формирање институции и влада.

По изборниот пораз на Александар Вучиќ, Срдановиќ повикува на воздржаност и отфрла каков било реваншизам. Во врска со насилните настани поврзани со упадот во таблоидот „Информер“, тој нагласува дека Студентската листа не ги поттикнала и дека нејзините активности се засноваат на почитување на Уставот и законите.

„Досега никој од нас никогаш не повика на каков било вид реваншизам. Баравме да се почитуваат законот и редот“,вели Срдановиќ.

Според него, одговорноста за безбедносната состојба сè уште е кај владата во технички мандат бидејќи новата власт формално не ги презела институциите. Тој ги повикува граѓаните да се воздржат од насилство и додаде дека по преземањето на власта одговорноста за состојбите во земјата ќе биде на новата влада.

Срдановиќ вели дека Србија ќе остане на патот на европската интеграција и потсети дека земјата се обврзала на тој процес во 2000 година. Тој ја критикува претходната власт затоа што, според него, во изминатите 15 години ја намалила поддршката за европската интеграција меѓу граѓаните.