Граѓани го тужат Трамп, бараат заштита за новинари во Белата куќа
Шест граѓани го тужат американскиот претседател Доналд Трамп со тврдење дека им го одзел правото на информации со тоа што им забранил на претставници на три медиуми да влезат во Белата куќа. Тужбата е поднесена во федералниот окружен суд во Њујорк, а тужителите се повикуваат на Првиот амандман, наведувајќи дека Уставот го штити правото на јавноста да знае што прави нејзината влада.
„Кога Белата куќа ги протерува новинарите поради нивното известување, јавноста го губи пристапот до независни информации и се приближува до владина пропаганда“, се вели во тужбата.
Покрај Доналд Трамп, во тужбата се вклучени и неговите соработници Сузи Вајлс и Стивен Ченг, како и директорот на Тајната служба Шон М. Куран. Граѓаните бараат судска забрана што би ги заштитила сите новинари што известуваат од Белата куќа од одмазда.
„Секој новинар што известува од Белата куќа сега мора да ја разгледа можноста дека критички или несоодветно кажан збор за претседателот може да резултира со моментално ограничување или повлекување на пристапот“, се наведува во тужбата.
Меѓу граѓаните што ја поднесоа се активистот за човекови права Кенет Рот, новинарите Даниел Фрумкин и Бенџамин Витес, универзитетски професор по историја Беверли Гејџ, наставникот по граѓанско образование во средно училиште Питер Шмит-Новара и студентот по новинарство на Универзитетот во Пенсилванија, Итан Јанг.
Кон крајот на септември, федералниот судија Тимоти Кели ѝ наложи на администрацијата на Трамп веднаш да ги врати акредитациите и пристапот до Белата куќа на новинарите од Си-Ен-Ен, Ем-Ес Нау и на Политико, откако американскиот претседател им забрани на тие медиуми да влезат во комплексот на Белата куќа. Трамп им забрани на тие медиуми да влезат во Белата куќа, обвинувајќи ги за „лажни вести“, а потоа тие го тужеа, тврдејќи дека забраната е нелегална.