Мицкоски како Василиј Смислов
Премиерот си изрече самопофалба за себе велејќи дека игра „партија шах“ на европската сцена, кога веќе не може да биде во „натревар на мускули“. Марта Кос понизно ја моли владата да ги донесе уставните измени. Има ли кој да ја слушне?
Неколку децении наназад во македонскиот јазичен дискурс често се слушаше кованицата „Ајде не биди Смислов“, кога некој молчеше и се двоумеше што да каже или каков чекор да направи. Сето тоа беше дел од амбиентот кога шахот беше исклучително важен елемент во јавниот живот. Се знаеја напамет сите светски шампиони, нивните легендарни мечеви, шаховски отворања. Советскиот велемајстор Василиј Смислов беше еден од тие светски шампиони на крајот од 1950-те, но потоа беше поразен од силната бура што го смени светскиот шах која се викаше Михаил Таљ. Смислов и понатаму играше врвен шах до своите прилично возрасни години.
Но, неговото име овде остана како некаков синоним за оние што премногу мислат и се неодлучни.
Премиерот Христијан Мицкоски во петокот на прославата на 23 Октомври си даде себеси уште еден комплимент за длабокоумност и размислување за десет чекори или потези однапред во политичката игра на европската сцена. Тој рече дека на политиката гледал како на „партија шах“, затоа што како премиер на мала земја не можел да учествува во „натпревар на мускули“.
„За малите народи, иднината е во мудроста и единството. Јас на политиката не гледам како на натпревар во мускули, туку повеќе како на партија шах. И големите се победуваат со мудрост. Со мудрост може да има иднина, кога веќе природната предодреденост, поставеноста и геополитиката не нудат сила“, рече Мицкоски.
Премиерот не кажа кое му е омилено шаховско отворање – Сицилијанска одбрана, Дамин гамбит, Каро-Кан одбрана или Словенска одбрана (најдобар бедем против Даминиот гамбит). Некоја веќе има или комбинација. На Смислов, на пример, му беше омилена Сицилијанката.
Па по редот историски реминисценции за ВМРО тој пак искажа самопофалби за себеси: „Нема да паднам во замките на разните служби и на провокациите прикажани преку итроманските игри. На неразумните чекори одговарам со разум, на провокациите со принципи, на притисоците со отпорност и верба во она што сме и што претставуваме. Не треба секогаш на прва да се реагира и јас не трчам трка на 100 метри, туку маратон, и на тој маратон ќе победиме како многупати досега“.
Едни те исти говори
Добро е. Имаме премиер кој трча маратон од кој никако не се уморува. Дали луѓето го слушаат или гледаат дека не се уморува изгледа како да е помалку важно. Затоа што тој е како некаков македонски Форест Гамп – кога почнува да трча не застанува, и на патот му се приклучуваат баталјони луѓе. Додека во еден момент не се замисли и не застане.
Можеби премиерот треба да го смени пишувачот на говорите (или пишувачите) затоа што веќе две години тие наликуваат како да излегуваат како тули од под калап. Освен неколку интервенции (како оваа за партијата шах) тие бескрајно наликуваат еден на друг. Ред – одбрана на македонските интереси и на идентитетот; ред – напади на Бугарија; ред – напад на опозицијата; ред повикување на единство според негови услови; ред – фалби за економијата; и, се разбира, ред – самопофалби за себе. Ретко можете да најдете врвен политичар кој зборува за себе во суперлативи на важни државни празници (дури и идолот во Вашингтон тоа го прави помалку). Можеби луѓето во неговата секција за информирање забележале дека медиумите пренесуваат сѐ помалку делови од неговите говори, затоа што работите вака или онака се речиси исти. Читателите или гледачите сакаат да слушнат или прочитаат нешто кое има поинаква, вистинска, супстанца. Можеби премиерот мисли дека со вакви речиси исти говори го држи гласачкото тело прибрано до него, но оние што го советуваат треба да му укажат дека тие зборови ги слушаат сѐ помалку луѓе. А прашање е колку во нив веруваат и оние што ги пишуваат.
Еве, на пример, тој во говорот рече дека С. Македонија имала „најниска инфлација во Европа и регионот“. Премиерот сака да се фали со стапката на БДП и стапката на инфлацијата, претставувајќи ја државава како искучително успешна земја. Се разбира, благодарејќи на неговата влада. И додаде: „Кога вчера во Црна Гора (на Самитот на Берлинскиот процес – н.з.) им зборував на моите соговорници за економските постигнувања, некои од нив и самите ни приоѓаа и велеа одлични сте, тогаш за првпат се почувствував горд и ви благодарам на сите вас и на сите мои соработници во владата кои заедно придонесовме да го постигнеме ова“.
Фактите се лесно проверливи. Македонија има навистина ниска инфлација – во септември на годишно ниво беше 2,7 отсто. Но таа не е најниска во Европа. Пет земји од ЕУ имаат пониска инфлација од македонската (Чешка, Данска, Унгарија, Малта, Шведска). Нивната стапка се движи во размерот од 1,0 во Шведска, до 2,4 во Малта. Една (Финска) има колку и Македонија – 2,7 отсто. Плус, надвор од ЕУ, Швајцарија има стапка на инфлација од 1,2 отсто. За втората споредба Мицкоски е во право – С. Македонија има најниска инфлација во земјите од Западен Балкан. Најблиску до македонската стапка е онаа на Албанија – 2,9 проценти. И секако, тоа е работа за признание.
Но додека сите на премиерот Мицкоски во Свети Стефан му приоѓале и му кажувале колку одлично работи неговата влада, на Самитот на Берлинскиот процес се зборуваше за успехот на други држави кои веќе се пред крајот на маратонот кон ЕУ. Иако тоа за нив повеќе личеше на трка од 10.000 метри на стадион.
„Покажувате напредок и дека пристапувањето кон Европската унија е навистина можно. Бевте одлучни и вашите напори се исплатија“, рече германскиот канцелар Фридрих Мерц на отворањето на Самитот зборувајќи за патот на Црна Гора кон ЕУ. Тој истакна дека земјата речиси ги завршила преговорите за пристапување, нагласувајќи дека реформите, политичката волја и регионалната соработка се клучни за понатамошниот напредок на Западен Балкан.
Хрватските барања на масата во Подгорица
Германскиот канцелар посебно се осврна на односите меѓу Подгорица и Загреб, нагласувајќи дека со хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ разговарал за нерешените прашања меѓу двете земји.
„Разговарав со хрватскиот премиер и имавме интензивни разговори за Црна Гора и Хрватска. Сигурен сум дека преостанатите прашања можат да се решат и дека нема да има пречка за влез на Црна Гора во Европската унија“, рече Мерц.
Веројатно ќе биде така. Хрватскиот премиер Пленковиќ оцени дека на средбата со црногорскиот премиер Милојко Спаиќ бил постигнат голем чекор напред кога станува збор за барањето на Загреб за отштета за затворениците од логорот Морињ.
Тој, исто така, рече дека прашањето за решавање на границата на Превлака е „во привремен режим“ веќе 24 години, дека веруваат дека и таму треба да се направи чекор напред и дека „токму сега е моментот кога треба да се реши“. Но не предолго, затоа што амбицијата на Црна Гора е што побрзо да ги завршит преговорите. Пленковиќ рече дека во Подгорица „треба да ги разгледаат предлозите што Хрватска ги стави на маса, а потоа да ни ја дадат рамката на нивните можности, разгледувајќи ги овие прашања“.
Тој, исто така, нагласи дека прашањата што ги презентира Хрватска не се билатерални, туку вредносни.
На прашањето дали Хрватска е подготвена да се откаже од кое било од барањата, тој рече дека постојат две групи барања – едната е онаа што може да се реши и која е исклучиво во доменот на активностите на црногорската влада, додека некои не се нужно само во доменот на Црна Гора или исклучиво на извршната власт.
„Ги поздравуваме одлуките на Владата на Црна Гора за преименување на базенот во Котор и обезбедување трајна заштита на спомен-плочата во Морињ“, напиша Пленковиќ на Икс.
Тој рече дека Хрватска сака да ги реши прашањата поврзани со исчезнатите лица во Татковинската војна, понатамошно гонење на воените злосторства, обештетување на логорашите, училишниот брод „Јадран“, имотно-правните прашања на хрватските семејства во Црна Гора и граничните прашања. Многу работи има за решавање Црна Гора околу барањата на Хрватска, но како што сега изгледа таа е подготвена да најде солуција да не застане пред крајот.
Пред Самитот во Стефи Стефан Собранието на Црна Гора го усвои предлогот на владата за промена на уставот со која се предвидува задолжителна претходна проверка на инегритетот на кандидатот за мандатар и за членовите на извршната власт. Овие уставни промени се предуслов за затворањето на поглавјето 23 и од ЕУ беше побарано Црна Гора да ги усвои ако сака да не биде забавен нејзиниот пат кон Унијата. Кога се има желба да се стигне до целта изгледа дека во Подгорица не се колебаат.
Ќе видиме како во наредниот период Црна Гора ќе се усогласи со барањата на Хрватска. На кој начин и за колку време.
А Македонија? Македонија дочека ЕУ веќе да ја моли да ги усвои уставните измени, кога тој услов од преговарачката рамка не може да се промени. Еврокомесарката за проширување, Марта Кос, на средбата со министерот за евроинтеграции Беким сали вчера во Брисел дури и понизно тоа го срочи вака:
„Нема многу работи што треба да се направат. Има многу, но станува збор за еден чекор – уставните измени. Откако ќе бидат усвоени уставните амандмани, ќе можеме да продолжиме без дополнителни политички одлуки. Затоа, ова е мојот апел до Владата: ве молам, направете го тоа, исполнете ја вашата обврска“.
Дали во партијата што ја игра македонскиот „шахист“ допираат молбите од Брисел? Во вчерашниот говор тој запраша – „какви планини сакаме да поместиме?“ Тоа е добро реторичко прашање, но има поважно прашање: што сака тој да постигне во партијата шах? И таа не се игра бескрајно, таму знаменцата паѓаат.
(Линк до текстот во Дојче веле овде)