Азија ја поддржи кандидатурата на Инфантино


Азиската фудбалска конфедерација (АФЦ) му изрази денеска недвосмислена поддршка на претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, за неговата кандидатура за реизбор и покрај претходниот спор околу сега веќе напуштениот предлог за отворање на Светското првенство за приватни инвестиции.

„Ја потврдуваме нашата целосна посветеност да ве поддржиме вас и вашето лидерство додека се обидувате да обезбедите нов мандат како претседател на ФИФА“, изјави првиот човек на АФЦ, шеикот Салман бин Ебрахим Ал Калифа, по состанокот на раководното тело на азискиот фудбал во Токио, на кој присуствуваше и Инфантино.

Оваа поддршка има значителна тежина пред претседателските избори на ФИФА закажани за март, на кои 56-годишниот Инфантино во моментов е единствениот официјално номиниран кандидат. Тој се кандидира за четврти – и последен – мандат. Крајниот рок за номинации е 18 ноември.

АФЦ беше на иста линија со УЕФА и КОНКАКАФ во острата осуда на планот за отворање на големите натпреварувања на ФИФА, првенствено Светското првенство, за приватни инвеститори, но Азиската конфедерација, во меѓувреме, го смени ставот и сепак ќе ја поддржи кандидатурата на Инфантино.

„Џани, точно е, имавме несогласувања во минатото. Но, мора да продолжиме напред. Фудбалот е посилен кога работиме заедно“, порача шеикот Салман.