Македонското знаме на светскиот подиум: Анастасија Палчевска со бронзен медал на Светското првенство во хип-хоп и попинг во Полска


 Уште еден голем успех за македонскиот танц на меѓународната сцена: Македонската танчерка Анастасија Палчевска освои трето место и бронзен медал на Светското првенство во хип-хоп и попинг, коешто се одржа во Киелце, Полска.

„Палчевска го освои третото место во категоријата ‘Битка на сите стилови – јуниори 1 (All Styles Battles Junior 1)’, запишувајќи значаен резултат за Македонија. Со тоа, таа се вброи меѓу најдобрите натпреварувачи во својата категорија на светско ниво. Со својот талент, посветеност и танцови вештини, Анастасија успеа да се искачи на светскиот подиум и гордо да го развее македонското знаме, остварувајќи резултат што претставува успех не само за неа, туку и за македонската танцова сцена. Овој медал е уште една потврда дека Македонија има млади таленти кои со својата работа, упорност и љубов кон танцот можат рамноправно да се натпреваруваат со најдобрите во светот“, се вели во соопштението.

Бронзениот медал на Анастасија Палчевска претставува повод за гордост и инспирација за новите генерации млади танчери во Македонија, се додава. Со овој успех, македонскиот танц добива уште едно значајно меѓународно признание, а Анастасија Палчевска уште еднаш покажува дека талентот, трудот и посветеноста се вистинскиот пат до светскиот врв.