Што заклучија лидерите за проширувањето на ЕУ?
Македонија на последниот самит не беше ниту на радарот, ниту под радарот на Брисел
Лидерите на ЕУ вчера попладне го отвориле и прашањето за проширувањето на ЕУ и внатрешните реформи потребни за да тоа стане реално. Расправата сепак падна во сенка на хрватското вето на Црна Гора, која треба да биде аргумент на ЕУ дека процесот на стои и дека тоа што се ветува е реално. Иако реформите на ЕУ се најавуваа со месеци, расправата за нив беше речиси невидлива, а од сите кандидати видливост имаше само за Украина, но од друга причина.
Во заклучоците објавени по состанокот лидерите ја нагласиле „континуираната важност на проширувањето како геостратешка инвестиција во мирот, безбедноста, стабилноста и просперитетот“. Еве што стои во заклучоците:
„Проширувањето претставува двигател за подобрување на економските и социјалните услови на европските граѓани и за намалување на разликите меѓу земјите, а истовремено мора да ги поттикнува вредностите врз кои е основана Унијата. Со оглед на перспективата за дополнително проширена Унија, и идните земји-членки и ЕУ треба да бидат подготвени во моментот на пристапувањето. Земјите што се стремат кон членство треба да продолжат со своите реформски напори, особено во областа на владеењето на правото, во согласност со принципот на напредување врз основа на сопствените заслуги и со помош на ЕУ.
Паралелно со тоа, Унијата треба да напредува во внатрешната работа и реформите, да ги дефинира своите долгорочни амбиции и начините за нивно остварување, како и да се осврне на клучните прашања поврзани со нејзините приоритети, политики и капацитет за дејствување. Ова ќе ја направи Европската унија посилна и ќе го зајакне европскиот суверенитет.
Европскиот совет потсетува дека процесот на пристапување се заснова на заслуги и дека секоја земја-кандидат напредува во преговорите за пристапување врз основа на сопствениот индивидуален напредок. Во тој контекст, Европскиот совет ја зема предвид Комуникацијата на Комисијата насловена „Подготовка за поширока Унија“ и го повикува Советот да ги анализира сите нејзини аспекти и, врз основа на таа анализа, да продолжи со понатамошните активности.
Европскиот совет ја поздравува тековната работа на изготвување на договорот за пристапување со Црна Гора. Тој ја забележува намерата на ирското претседателство со Советот да работи на привремено затворање на преостанатите преговарачки поглавја, под услов Црна Гора да ги спроведе соодветните реформи“.
Ваквото соопштение и тежината што беше дадена на реформите го испровоцира аналитичарот Ади Чемерагиќ од ЕСИ (Европска иницијатива за стабилност) да искаже разочарување од исходот кој со внимание се следи во регионот, веќе длабоко скептичен дека проширување воопшто ќе има.
„Синоќа, по четиримесечно чекање, Европскиот совет конечно одржа стратешка дискусија за идните чекори во однос на проширувањето и внатрешните реформи. Малкумина на Западен Балкан внимателно следеа. Но, оние што следеа – граѓани и политичари, како оние кои сакаат нивните земји да станат дел од ЕУ, така и оние кои се сомневаат дека тоа некогаш ќе се случи – чекаа одговор на едно прашање: што ќе направат лидерите на ЕУ со кандидатурата на ЦрнаГора за членство?
Нејзината влада има за цел да ги затвори преговорите за пристапување до крајот на оваа година, да го финализира и потпише договорот за пристапување во првата половина на 2027 година, а да стане членка во 2028 година. Од Белград, преку Скопје, па сè до Сараево, сите гледаат кон Црна Гора од две причини. Првата е дали ЕУ воопшто ќе се проширува. Втората е дали пристапувањето навистина ќе ја промени земјата: не само нејзините закони и институции, туку и секојдневниот живот на нејзините граѓани. Па, што се случи синоќа?
Накратко: многу врева за ништо. Дискусија која не беше особено долга и која не реши ништо. Подетално: очекуваната експлицитна поддршка за целта на Подгорица – да ги затвори сите поглавја до крајот на годината – беше ‘разводнета’ во вообичаениот стил на ЕУ. Формулацијата беше доволно нејасна за да може да се протолкува и како некаков вид поддршка, но и како нејзино отсуство. Истото се случи и со очекуваниот нагласок на итноста околу изготвувањето на договорот за пристапување:
‘Европскиот совет… ја поздравува тековната работа на изготвување на договорот за пристапување… [и] ја зема предвид намерата на ирското претседателство со Советот да работи на привремено затворање на преостанатите преговарачки поглавја…’“
Медиумите во Хрватска ја припишуваат заслугата на сопствената влада за ваквата „разводнета“ формулација. Всушност, некои други главни градови едноставно беа задоволни што Загреб беше подготвен да ја преземе вината врз себе.
Како што и се очекуваше, голем дел од вниманието во заклучоците беше насочено кон потребата „да се унапреди внатрешната работа и реформите на ЕУ, да се дефинираат долгорочните амбиции и начините за нивно остварување, како и да се разгледаат клучните прашања поврзани со приоритетите, политиките и капацитетот за дејствување на Унијата“. Во таа насока, претходно овој месец, Комисијата го објави своето долгоочекувано соопштение „Подготовка за поширока Унија“. Синоќа, шефовите на држави и влади на ЕУ „го зедоа предвид“ овој документ и ги повикаа своите министри „да ги анализираат сите аспекти и, врз основа на таа анализа, да продолжат со работата“.
Кои се следните чекори?
-Почеток на ноември: извештаи за земјите-кандидати, како и патокази (кои веќе предизвикуваат контроверзии во некои главни градови на ЕУ) во кои се утврдени преостанатите задачи и роковите за четирите земји што предничат во процесот: Црна Гора, Албанија, Украина и Молдавија.
-Продолжување на работата на затворање на поглавјата со Црна Гора, решавање на билатералните прашања покренати од Загреб, изготвување на договорот за пристапување, а потоа и усвојување на заклучоците на Советот и на Европскиот совет во декември, кои традиционално се подетални“, напиша Чемерагиќ.
Она што единствено беше поконкретно, беше изјавата на високата преставничка за надворешна политика Каја Калас дека проширувањето на ЕУ не треба да се билатерализира, иако тоа се случува и во моментов со ветата на Хрватска за Црна Гора, на Унгарија и Бугарија за Украина и на Бугарија за Македонија.
„Во однос на ова прашање, навистина е важно да не го билатерализираме процесот на проширување. Ако го погледнеме процесот на проширување како таков, Европа е многу мал континент. Всушност, треба да бидеме посилни заедно со земјите што се дел од Европа. Во понеделникот имавме дискусија со министрите за надворешни работи, меѓу другото, и за безбедносните аспекти на проширувањето, како и за тоа што овие земји ѝ носат на безбедноста на Европската Унија откако ќе станат нејзини членки“, изјави Калас.
Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ вчера ги убедуваше лидерите дека нивното вето било конструктивно, за разлика од тоа на Бугарија кон Македонија, иако и Загреб чекаше до крајната фаза за да излезе со долг список на барања кои немаат ништо со проширувањето на ЕУ.
„На пример, ја имате Северна Македонија која во 2000-та година беше пред Хрватска во институционален поглед, а сè уште не ги отвори преговорите. Постојат две држави, кои од 2005 до 2026 година одземаа 21 година од институционалното приближување на Северна Македонија во ЕУ. Хрватска не го презеде тој пристап. Наспроти тешкото наследство, ние кон Црна Гора пристапивме многу конструктивно и ги издвоивме оние точки за кои сметаме дека треба да ги исполнат, кои како како идни членови на ЕУ треба да ги преземат како европски вредности“, изјави премиерот на Хрватска. Како најмногу и најдолго блокирана Македонија ја немаше ни на радарот, ни под радарот во Брисел. (С.Ј.)