Прва реакција на добитничката на Нобеловата награда за литература: „Лудо, мислам дека сите се луди“
Стокхолм – Канадската поетеса и писателка Ен Карсон, чие творештво често ги спојува стихот, прозата, дијалогот и преводот во мешавина што ги надминува жанровските граници, вчера ја доби Нобеловата награда за литература за она што Шведската академија го нарече нејзин „храбар и иновативен опус“.
„Лудо, мислам дека сите се луди“, изјави Карсон за исландскиот радиодифузер RUV, откако беше прашана како се чувствува штом дознала за наградата додека престојувала на островот на Арктикот. „Ќе добијам налепница на корицата од мојата книга.“

Карсон (76), родена во Торонто и со дом на Исланд, била изненадена кога ѝ ја соопштиле веста, изјави Ингрид Карлберг, постојан секретар на Академијата, која ја доделува наградата вредна 12 милиони шведски круни (1,2 милиони долари).
„Сè што стигна да ми каже беше дека во моментов е на Исланд, каде што го слуша ветрот“, изјави Карлберг на прес-конференцијата во Стокхолм по објавувањето на веста.
Таа е широко позната по своите преводи на класичната грчка литература, која силно влијае врз нејзиното творештво – од оперски либрета до книжевна критика и романи во стихови, како што е „Автобиографија на црвеното“ (Autobiography of Red) од 1998 година.
„НОВИ ФОРМИ НА СОВРЕМЕНАТА ЛИТЕРАТУРА“
Во своето образложение, Шведската академија наведе дека ѝ ја доделува наградата на Карсон „за нејзиниот храбар и иновативен опус кој, во разигран дијалог со класичната традиција, создаде нови форми за современата литература“.
„Речиси целото нејзино книжевно творештво е фокусирано на пресекот меѓу опсесијата на филологот со зборовите и желбата на поетот за ново значење“, соопшти Академијата.
„Таа самата ја посочува етимологијата на зборовите како почетна точка на целото свое творештво. Нејзините преводи од класичен грчки јазик можат да се сметаат за самостојни дела.“
Нејзиниот стил е илустриран во делото „Норма Џин Бејкер од Троја“ (Norma Jeane Baker of Troy) од 2019 година – перформанс што ги спојува приказните за Елена од Троја (од драмата „Елена“ на Еврипид) со ликот на Мерилин Монро. Академијата исто така ја пофали нејзината способност да ги истражува „можностите на пишувањето, процес преку кој книжевната скица за неа добила посебна вредност“.
„Доказ за тоа е делото *Float* (2016), составено од 22 кратки книшки на различни теми, кои можат да се читаат по кој било редослед“, се наведува во соопштението.

ЖИВОТ БЕЗ ПРУСТ
Честопати славена како нејзино најголемо дело, „Автобиографија на црвеното“ (*Autobiography of Red*) ја покажува способноста на Карсон да ја „актуализира класичната книжевна традиција“, истакнаа од Академијата. Во книгата, таа одново ги разгледува вековните прашања, како на пример: „Што се случува кога сакаш некого што на крајот ќе те уништи?“
Црпејќи инспирација од посовремени извори, Карсон во својата книга *The Albertine Workout* се осврна на ликот на Албертина – една од љубовите на раскажувачот Марсел во делото „Во потрага по изгубеното време“ од Марсел Пруст.
Карсон поминала седум години читајќи го ремек-делото на Пруст и во интервју за канадското радио CBC Radio One во 2016 година изјавила дека по завршувањето на читањето почувствувала симптоми на апстиненција, што ја поттикнало да ја напише *The Albertine Workout* како начин да го продолжи тоа искуство.
„Мислите дека животот продолжува и по Пруст, но тој изгледа толку сиво“, рекла таа.

ЧАСОВИ ПО БОКС ЗА БОРБА ПРОТИВ ПАРКИНСОНОВАТА БОЛЕСТ
Карсон почнала да зема часови по бокс кога веќе била во своите седумдесетти години, откако ѝ била дијагностицирана Паркинсонова болест. Овој спорт се препорачува како терапија бидејќи помага во одржувањето на координацијата меѓу рацете и очите, како и во следењето на редоследот на движењата.
Таа зборуваше за влијанието на болеста врз нејзиниот ракопис во интервју на книжевниот фестивал „Луизијана“ во Данска во 2024 година: „Од срам пречкртувам цели пасуси… срам поради лошиот ракопис“.
Карсон, која предавала класични студии на универзитети во Канада и во САД, изјавила дека себеси се смета подеднакво за визуелна уметница и за книжевница. „Создавањето песна го доживувам како создавање предмет. Отсекогаш сум ги гледала повеќе како цртежи отколку како текстови – но како цртежи во кои може и физички да се влезе преку јазикот“, изјави таа во интервјуто за CBC.
Според неа, поезијата можеби е поприлагодена на брзиот современ живот отколку подолгите книжевни форми.
„Мислам дека во моментов е веројатно покорисна од прозата бидејќи е побрза, а сите се брзаат; значи, добра е токму поради својата краткост“, изјави таа во четвртокот за исландскиот јавен сервис.
„КАКО ДОМА“ ВО ИСЛАНД И ЊУЈОРК
Карсон и нејзиниот сопруг, уметникот Роберт Кари, првпат дошле во Исланд по банкарскиот колапс во 2008 година и оттогаш постепено почнале да минуваат сè повеќе време таму. „Ги запознавме луѓето и ни се допаднаа“, изјави Карсон за списанието *Iceland Review* во 2023 година. Таа поседува исландско државјанство од 2022 година.
Кари за списанието изјави дека Исланд е едно од само двете места каде што веднаш се почувствувал како дома; другото било Њујорк во 70-тите години на минатиот век.
Книжевноста беше четвртата од овогодишните Нобелови награди што беа објавени оваа недела, по оние за медицина, физика и хемија. Добитникот на наградата за мир ќе биде објавен во петок во Осло.
Наградите, востановени со тестаментот на шведскиот пронаоѓач на динамитот и стопанственик Алфред Нобел, се доделуваат од 1901 година. (Ројтерс)