Филмологот Владимир Ангелов во жирито на ФИСПРЕСЦИ на фестивалот во варшава од А-категорија
Македонскиот филмолог Владимир Ангелов ќе членува во жирито на Меѓународната федерација на филмски критичари – ФИПРЕСЦИ на 42. Меѓународен филмски фестивал во Варшава, Полска, кој е од А категорија. Ангелов е член македонската секција на ФИПРЕСЦИ која станува една од поактивните од регионот.
Во фокусот на фестивалот, што ќе се одржи од 9 до 18 октомври, е главната натпреварувачка програма, во која филмовите ќе се борат за престижниот Гран при на Варшава, со награда од 30.000 евра. Посебно место има и натпреварувачката програма за краткометражни филмови, како и програмата „1-2“, посветена на први и втори долгометражни филмови од млади режисери.
Фестивалот годинава ќе прикаже 190 филмови во повеќе од 330 проекции. Отворањето ќе биде со филмот „Вистинска болка“ („A Real Pain“) на Џеси Ајзенберг.
Варшавскиот фестивал важи за значајна платформа за откривање нови филмски автори, а низ годините таму свои рани или пробивни филмови претставиле режисери како Михаел Ханеке, Кристијан Мунџиу, Павел Павликовски, Ари Фолман, Асгар Фархади и Лени Абрахамсон. Меѓу досегашните наградени автори се и Дени Вилнев, Џесика Хауснер и Кирил Серебреников.