Contra mundum со Озрен Грабариќ, едно од најнаградуваните претстави на Балканот, гостува на „Рута“


На претпоследниот ден од РУТА, 30 октомври, од 20 часот на сцената на ДТС, Центарот за култура од Тиват ќе гостува со претставата „Contra mundum“ по концепт и режија на Вељко Миќуновиќ , со настап на Озрен Грабариќ, а црногорскиот театар претходно, од 17 часот, на Академската сцена при ФДУ ќе ја изведе и монодрамата „Вирџина“, според текстот на Душан Јанковиќ, во изведба на актерката Марта Ќераниќ. 

Претставата „Contra Mundum“, во режија на Вељко Миќуновиќ, е едно од најнаградуваните регионални театарски остварувања што ја истражуваат границата меѓу уметноста, животот и индивидуалната слобода. Инспирирана од автобиографијата „Тајниот живот на Салвадор Дали“, претставата го отвора светот на еден од најексцентричните и најпровокативните уметници на XX век. Таа не се задржува на вообичаено биографско раскажување, туку создава сценски свет во кој надреалното, музиката и актерската игра се спојуваат во единствена целина.

Во центарот е Озрен Грабариќ, кој преку зборот, движењето и гестот го гради ликот на Дали како противречна фигура – истовремено генијална, провокативна и непредвидлива. Живата музика, визуелно впечатливата сценографија и раскошниот костимски израз не се само придружба на актерот, туку активни елементи на сценската композиција.

Фестивалските жирија во регионот ги препознаа режисерската прецизност, експресивноста на актерската игра и способноста на претставата да го претвори театарот во простор на имагинација и метафора. Особено се издвојува нејзиното тематско јадро: правото на различност, автентичноста и отпорот кон светот што наметнува униформност.

Освоените награди за најдобра претстава, режија, актерско остварување и авторска музика, како и признанијата од публиката, сведочат за успехот на оваа сценска творба пред различни регионални фестивалски публики.

Драматург: Слободан Обрадовиќ. Претставата трае 1 ч. 15 мин.