Во Струмичкиот театар премиера на „Четири слики на љубовта“


Во НУЦК „Антон Панов“ во Струмица вечер премиерно ќе биде изведена претставата „Четири слики на љубовта“ од современиот швајцарски драмски автор Лукас Берфус, во режија на Александра Кардалевска, соопштија од оваа културна установа.

Како што се наведува, станува збор за прва македонска постановка на овој драмски текст, со која режисерката повторно се навраќа на творештвото на Берфус, петнаесет години по нејзината претходна постановка на дело од истиот автор.

Во центарот на драмата се четири различни приказни поврзани со неверството, но наместо да понуди конвенционален поглед на брачните и партнерските конфликти, авторот ги разоткрива психолошките механизми што се активираат кога довербата е нарушена. Ликовите различно реагираат на соочувањето со вистината, обидувајќи се да ги зачуваат односите, сопствениот идентитет или илузијата за љубовта. Во режисерското читање на Александра Кардалевска, претставата се развива како истражување на современата интимност и постепеното исчезнување на љубовта од односите што формално продолжуваат да постојат.

-Четирите слики ги доживувам како хроника на умирањето на љубовта во време што го брише сè што не е моментално. Берфус создава ликови кои копнеат по љубов, но се испразнети од неа. Нивните постапки не произлегуваат секогаш од отсуство на чувства, туку од неспособноста вистински да го разберат и прифатат другиот, се наведува вом пренесената изјава на режисерката.

Улогите во претставата ги толкуваат актерите Коста Ангов, Кољо Черкезов, Оливера Арозанова-Мансбарт, Јулија Милкова и Михаил Велков.

Претставата се реализира со финансиска поддршка на Министерството за култура и Швајцарската амбасада.