Вечер посветена на Бети Ѓорѓевиќ во КИЦ Белград
Македонскиот Културно-информативен центар во Белград, во соработка со „Танграм центар“, вечер од 19.30 часот организира концерт посветен на џез и соул-интерпретаторка со македонско потекло, Бети Ѓорѓевиќ (1944, Куманово – 2026, Белград). Концертот е насловен по нејзиниот прв голем хит „Крај на мојата тага“ („Крај моје туге“) со кој таа стекна популарност во 1974 година.
-Концертот ќе биде исполнет со сеќавања за неа, преку одбрани видеоматеријали, како и со музички интерпретации на познатите вокални солистки Нада Павловиќ и Снежана Бериќ-Екстра Нена, во пијано придружба на Небојша Костиќ. Водител и сценарист на настанот ќе биде актерот Пеѓа Милојевиќ. Иницијатори и организатори на оваа меморијална музичка вечер се КИЦ Белград и директорот Васко Шутаров, а настанот е поддржан од Министерството за култура и туризам, информира КИЦ Белград.
КИЦ Белград информира дека Бети Ѓорѓевиќ, која почина на 19 јануари годинава, била редовна гостинка на сите поважни културни настани што ги организирал.
-Ја поддржуваше и силно ѝ се радуваше на идејата да се реализира портрет посветен на нејзиниот богат музички живот. Веќе има голем интерес во белградската јавност за овој концерт, меѓу почитувачите, соработниците и пријателите на Бети Ѓорѓевиќ, како и во српските медиуми, кои најавија присуство на настанот, соопшти македонскиот КИЦ во Белград.