Пет песни на Ен Карсон, во препев на Зоран Анчевски
Во чест на добитничката на Нобеловата награда за литература, канадската поетеса, есеистка и преведувач Ен Карсон , Зоран Анчевски, поет, универзитетски професор (по англо-американска литература на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ), преведувач, есеист и доктор по филолошки науки, сподели на ФБ постот, пет песни на Карсон, во негов препев.
Колку што е познато, досега ниту една книга на новата Нобеловка, не е објавена на македонски јазик.
Еве зошто, според Анчевски, кој го следи веќе десет години творештвото на добитничката, Карсон е една од најголемите поетеси на денешницата:
СОБА ВО БРУКЛИН
Овој
бавен
ден
се движи
По собата
го
слушам
двигот
на неговите
осовини
Постепен сјај
врз
таванот
Ми го дава она
похотно
синкавожолто
чувство
Дури часови
го дуваат
широкиот
пат
Долж моето попладне.
Вторник, 29 септември, 2015
ГРАД НА АПОСТОЛИТЕ
По твојата смрт.
Беше ветерливо секој ден.
Секој ден.
Спроти нас како ѕид.
Одевме.
Викајќи си попреку еден на друг.
По патот.
Бесполезно.
Просторите меѓу нас.
Стежнаа.
Празни се тоа простори.
А сепак цврсти.
И црни и мачни.
Како цепутки меѓу забите.
На старица.
Што одамна си ја знаел.
Кога постоела.
Прекрасни се нервите што одоколу прелеваат во неа како пожар во палата.
БОЖЈИОТ СПИСОК НА ТЕЧНОСТИ
Беше ветерлива ноемвриска ноќ.
Лисјата се кинеа покрај прозорецот.
Господ ја имаше отворено книгата на ЗАДОВОЛСТВО
и страниците ги држеше со една рака
поради провевот од вратата.
„Оти плотта нивна решето им ја сторив“
запиша Господ на врвот од страницата
и потем нареди список:
Алкохол
Благодарност
Време
Крв
Песна
Семе
Солзи
Спомен.
КУС ОСВРТ ЗА ГОЛЕМОТО И МАЛОТО
Големите нешта се ветрот, злото, добриот коњ за војна,
предлозите, неисцрпната љубов, начинот на кој луѓето
си бираат крал. Малите нешта вклучуваат ѓубре,
имиња на философски школи, расположение
и нерасположение, точно време. Има
повеќе големи нешта од мали нешта
сѐ на сѐ, а сепак има повеќе мали нешта
за кои пишувам овде, но неупатно е
да ги спомнувам во список. Кога
помислувам како го читате ова не сакам
да станете негови заробеници
одвоени со армирано стакло
од сопствениот живот, како некоја Електра.
КУС ОСВРТ ЗА БОЛКАТА
Тревници и ливади и ридови и диви стари
кадифени ракави, зелени нешта. Се тегнат,
преклопуваат, одвиткуваат, тркалаат и го смируваат
окото. Изгледаат сoчно на платна. Битки се водат
на такви ледини. Или се постила врз нив и се руча.
Колку скришно се протегаат, душемиња се тие
на далечни шуми. Потоа, во многу песни за зеленото,
следи гробот. Но ова не е песна. Ова е плакат за смрзнат
грашок. Смрзнатиот грашок е добар за болка.