Емин Алпер пред доѓањето во Скопје: Ги знам Манчевски и Митевски, „Медена земја“ е документарец полн со емоции


Лауреат на Киненова 2026, и воедно претседател на жирито,  е филмскиот уметник од Турција, смелиот и бунтовен маг на психолошката драма, Емин Алпер (52) , кој годинава со својот најнов филм “Спасение“ (Kurtuluş) во Берлин ја понесе Наградата на големото жири, Сребрената мечка. 
На прашањето дали имате свој омилен филм, меѓу своите? Што го прави посебен за вас, Алпер вели:
-Тешко е да се избере еден. Силно емотивно сум поврзан со сите мои филмови на различни начини. Филмот „Зад ридот“ има различно место во мене затоа што тоа беше мој прв целовечерен игран филм и во него ги востановив главните теми кои се провлекуваа и потоа во следните мои филмски проекти. „Френзи“ беше можеби најпредизвикувачки за мене и многу ја сакам атмосферата во него. Го сакам и „Приказната за трите сестри“ бидејќи ми е прилично личен филм. Ја сакам темнината, визуелниот стил, и политичката содржина на „Спасение“ исто така.
Што знаете за македонскиот филм?
-За жал. моите познавања се оскудни, лимитирани во однос на познавање на режисерите од Македонија. Секако дека го знам Милчо Манчевски, „Пред дождот“ имаше големо влијание врз мене кога го гледав како млад студент  кој што сака да биде филмски автор. Го сакам „Медена земја“, тоа е многу силен со емоции документарец. Ја следам и ми се допаѓаат последните филмови на Теона Митевска. Теона ми е и пријателка.
Киненова е фестивал што ги слави новите и моќни филмски гласови, а Алпер ги советува да не се занимаваат многу со следење на трендови. 
-Треба да се обидат да го откријат својот сопствен глас и да создадат филмови кои искрено чувствуваат дека треба да ги направат. И над се, тие треба да гледаат што повеќе филмови од различни жанрови.
 
 

По повод доаѓањето во Скопје и примањето на престижната награда за особен придонес во светската филмска уметност, Емин Алпер претходно испрати моќна и емотивна порака.

– Создавањето уметност, вклучително и филмска уметност, е секогаш задоволство само по себе. Но, кога ќе ви биде доделена толку голема награда и ќе ви биде оддадено толку високо признание, како што јас го добивам оваа година на ИФФ Киненова 2026, што покажува дека вашата работа е ценета, задоволството се претвора во блаженство! Кога добив писмо од Небојша Јовановиќ, во кое ме извести дека ја добивам наградата за особен придонес во светската филмска уметност, почувствував огромно задоволство и возбуда. Голема чест ми е да слушнам дека моите филмови придонесуваат во светот на уметноста. Подеднакво е одлично да се добие оваа награда во соседните земји, чија култура и историја се многу блиски до мојата. Исто така е прекрасно да се добие ова признание од фестивал кој во изминатите 10 години направи извонредно многу за светот на филмот и стана значајно и препознатливо место за вистинска филмска уметност, не само во Македонија, туку и низ целиот Балкан. Всушност, мислам дека вистинскиот придонес кон уметноста доаѓа од организаторите – познатите и непознатите херои зад ваквите фестивали. Се заблагодарувам на Киненова за нивниот голем придонес кон светската филмска уметност и киното. Исто така, искрено се заблагодарувам за исклучителната и престижна награда и честа која ми ја прават на овогодинешното издание на фестивалот. Нестрпливо го чекам ова возбудливо патување кон Македонија!, вели Алпер во својата порака.

Во „прегратките“ на филмовите на Емин Алпер, секој се чувствува „беспомошно“, им се препушта како на свој близок. Во неговите стории, стамено и режисерски скроени, помеѓу минатото и сегашноста, помеѓу руралното и урбаното, традиционалното и актуелното, цврсто ги поставува своите ликови и ги води во очекуван конфликт во најнепредвидливите моменти од ткаењето на приказната, неодминливо потсетувајќи на сите видливи и скриени контрадикторности кои ги нуди модерна Турција. Неговите ликови се многу обични на првата средба на гледачот со нив, но со својата тивка и ненаметлива природа, Емин Алпер со еден мајсторски мигновен сценаристички „скок“ ја ,менува и би рекле ја трансформира нашата визуелна перцепција и ние веќе ги прифаќаме како херои или антихерои, како оган или вода, како земја или воздух. Така тие ликови, нивните дилеми, нивните навидум необјасниви одлуки поставени во одредени околности и во филмски пејзаж, што Алпер одлично го владее, не освојуваат.
Од неговиот прв независен краток филм „Писмо“ во 2005 и по 20 години тој не престанува да потсетува на оние другите, невидливите, заборавените и замолчените во својата земја. Користејќи го често режисерскиот концепт на филмовите од Црниот бран, тој осаменоста ја претвора во предност, неугледноста во доблест, презирот во наследство. Со своите филмови „Зад ридот“ (2012), „Френзи“ (2015), „Пеколни денови“ (2019), „ Приказната на трите сестри“ (2022) беше наградуван и славен на голем број меѓународни филмски фестивали. Почестени сме што овој почитуван од публиката, критиката и од, своите колеги филмски автор, ќе биде наш лауреат, велат од Киненова.