Европски индустриски здруженија бараат итни мерки против нефер трговските практики на Кина


Четириесет и четири европски индустриски здруженија побара од земјите членки на ЕУ да преземат итни мерки за сузбивање на, како што наведоа, нефер трговските практики на Кина што го загрозуваат европското производство и носат ризик од нови загуби на работни места.

Повикот на здруженијата од секторите металургија, хемиска индустрија и производството на автомобилски делови, доаѓа една недела пред лидерите на ЕУ да се состанат во Брисел за да разговараат за начините за справување со растечкиот трговски дефицит со Кина, кој надминува милијарда евра дневно.

Здруженијата ценат дека Европската Унија треба поефикасно да ги користи сите расположливи инструменти за воведување мерки за трговска заштита и да усвои поширок пристап што ќе ги опфати целите синџири на вредност, притоа избегнувајќи негативни последици за блиските европски партнери како Велика Британија, Норвешка и Швајцарија.

Според нив, на Европската комисија ѝ е потребен дополнителен персонал за побрзо обработување на жалбите. Тие повикаа и на воведување нови инструменти за справување со нарушувањата на пазарот предизвикани од државната интервенција.

На претстојниот Самит лидерите на ЕУ ќе разговараат за француско-германските предлози за проширување на мерките за трговска заштита, објавени во понеделникот, како и за дводневната посета на европскиот комесар за трговија Марош Шефчович на Пекинг што завршува денеска.

Шефчович се обидува да ја убеди Кина да го ограничи извозот во ЕУ во еден конкретен сектор, најверојатно во сегментот на хибридните автомобили.