Повеќе струја од сонце и ветер може да донесе и цени под нулата, вели директорот на МЕМО, Зоран Ѓорѓиевски


Иако се уште немаме до крај либерализиран пазар на струја, сепак производителите се почесто ја користат берзата на електрична енергија. Годинава дури 22 отсто од целата електрична енергија во земјава била тргувана преку МЕМО. Во пари, за првите 9 месеци од годинава тоа се 241 милион евра обрт. Берзата не ја одредува крајната цена на струјата што ја плаќаат потрошувачите, но преку зголемена конкуренција помага таа да не стане превисока, објаснува во интервју за МИА првиот човек на МЕМО, Зоран Ѓорѓиевски.

-За илустрација, на пазарот на електрична енергија на големо активно работат околу 20 снабдувачи и најмалку уште толку трговци со електрична енергија кои го нудат своето портфолио на потрошувачите. Тоа претставува своевиден пазарен механизам на контрола на профитните маржи и овозможува заштита на потрошувачите од нереално зголемени трошоци на сметка на заработувачката кај трговците и снабдувачите со електрична енергија – вели тој.

Она што е интересно е дека МЕМО, размислува да воведе т.н. негативни цени, кои често се врзуваат со производство од обновливи извори.

-Кога цената оди под нула, пазарот сигнализира дека во тој момент има вишок електрична енергија и дека е потребно или да се намали производството, или да се зголеми потрошувачката, односно да се активира флексибилноста и складирањето. Од тој аспект, сметам дека негативните цени се корисен инструмент доколку се дел од добро организиран и конкурентен пазар – вели Ѓорѓиевски во интервјуто.

Колку мегават часови електрична енергија се тргуваат месечно преку МЕМО и кој е доминантниот профил на компании што тргуваат – приватните трговци, големите индустриски капацитети или државните ЕСМ и ЕВН?

-Пазарот „ден однапред“ бележи значителен раст во изминатите три години, поточно од почетокот на првото тргување на 10 мај 2023. Конкретно, во 2025 година на домашната берза се тргувале околу 1,37 терават-часови електрична енергија, што е просечно околу 114 илјади мегават часови месечно. Во 2026 година месечните количини се уште поголеми, односно во повеќе месеци надминуваат 120 илјади мегават часови. Во август годинава регистриравме и рекорден обем на тргување на пазарот „ден однапред“ од 199.698,9 MWh електрична енергија. Тоа е дури 58,15 % повеќе во однос на истиот месец минатата година, кога беа истргувани 126.292,1 MWh.

Растот се гледа и преку финансискиот обем на тргувањето. Како показател за активноста на пазарот, вкупната вредност на реализираните трансакции во 2025 година изнесуваше околу 272 милиони евра, додека заклучно со септември 2026 година достигнавме околу 241 милион евра. Овој обрт ја претставува вкупната вредност на електричната енергија со која се тргувало преку берзата. Притоа, важно е да нагласиме дека овие 272, односно 241 милион евра, не се средства со кои располага берзата, туку вредност на трансакциите меѓу учесниците на пазарот. Тоа покажува колкав е реалниот обем на тргување и колку активно се користи организираниот пазар на електрична енергија.

Она што е важно е дека овој раст не се должи само на државните енергетски компании, кои секако имаат значителен, но не и доминантен удел. На пазарот има сè поголема активност и од страна на приватни трговци и снабдувачи од земјава и поширокиот регион, покрај на големите енергетски компании како ЕСМ и ЕВН. Значи, пазарот постепено станува поширок и поликвиден, со повеќе учесници кои електричната енергија ја купуваат и продаваат организирано, на транспарентен начин, каде цената ја диктира исклучиво понудата и побарувачката. Бројката од 40 компании кои имаат доверба и учествуваат во тргувањето, за нашата домашана берза е позитивен показател дека растот е поддржан од поширока база на учесници од различен спектар.

За граѓаните, оваа бројка од 40 компании и постојаниот раст значи само едно: наместо струјата да се купува од еден или два доминантни играчи по нивни услови, со берзата добивме широк пазар каде сојузник е конкуренцијата. Без постоењето на организираниот пазар, трговијата ќе беше расцепкана, а цените ќе се формираа на нетранспарентен начин исклучиво според билатерални договори.

Кога јавноста ќе слушне за берза на струја, првата асоцијација е заработката. Колку домашната берза придонесува за формирање на реална пазарна цена, а колку простор остава за профитни маржи на трговците? 

-Берзата на електрична енергија пред сè создава транспарентна референтна цена, односно цена што произлегува од реалната понуда и побарувачка во даден момент. Тоа е една од најважните функции на организираниот пазар – цената да не се формира произволно, туку преку конкуренција меѓу понудата и побарувачката. Индексот кој го генерира МЕМО на пазарот ден однапред, овозможува реален увид во трендовите на чинењето на електричната енергија, нешто што во минатото не постоеше и потрошувачите беа принудени да ги следат трендовите на други регионални берзи, без притоа да ги земат во предвид особеностите на нашиот домашен пазар.

Но, берзанската цена не е исто што и крајната цена што една компанија или потрошувач ја плаќа за електричната енергија. Крајната цена ја определуваат и трошоците за снабдување, балансирање, пренос, дистрибуција и други договорни елементи. Затоа разликата меѓу берзанската и крајната цена не може автоматски да се смета за профит на трговецот.

МЕМО има целосен увид во трансакциите што се реализираат на организираниот пазар и во цените по кои тие се склучуваат. Но, нема увид во комерцијалните договори што трговците потоа ги склучуваат со своите клиенти, ниту во нивните договорени маржи.

Од друга страна, Македонија има динамичен и развиен пазар на електрична енергија кој изобилува со конкуренција. За илустрација, на пазарот на електрична енергија на големо активно работат околу 20 снабдувачи и најмалку уште толку трговци со електрична енергија кои го нудат своето портфолио на потрошувачите. Тоа претставува своевиден пазарен механизам на контрола на профитните маржи и овозможува заштита на потрошувачите од нереално зголемени трошоци на сметка на заработувачката кај трговците и снабдувачите со електрична енергија.

Колкав дел од домашното производство завршува на МЕМО, а колкав дел сѐ уште оди преку директни билатерални договори ’зад затворени врати‘? 

-Кај билатералните договори, компаниите директно ги договараат количините, цените и условите за испорака. Од друга страна, преку берзата цената се формира транспарентно, врз основа на понудата и побарувачката. Она што е позитивно е што пазарот „ден однапред“ преку МЕМО постепено расте и сè повеќе учесници го користат овој начин на тргување. Тоа придонесува за поголема ликвидност и создава јасен пазарен сигнал за цената на електричната енергија.

Без организирана берза, целиот пазар ќе функционираше исклучиво преку билатерални договори. Тоа значи помалку транспарентност и поголем ризик од недоверба. Со тоа што дури 22 отсто од нето-потрошувачката во земјава веќе поминува преку организираниот пазар, граѓаните и стопанството имаат гаранција дека значителен дел од струјата во Македонија се купува и продава со јавно објавени пазарни цени.

Какви се берзанските проценки и проекции за цената на мегават час оваа зима на домашниот пазар и ако претстојната зима донесе студени бранови или дефицит на енергија во регионот, колкав е капацитетот на македонската берза да обезбеди доволни количини струја?

-Во есенско-зимскиот период природно се очекува зголемување на побарувачката за електрична енергија, а со тоа и поголема изложеност на ценовни движења на регионалните и европските пазари. Домашната берза не може однапред да гарантира една цена за целата зима, бидејќи цената како што посочив, се формира според понудата и побарувачката и може да се менува од час во час. Клучни ќе бидат домашното производство, потребите за увоз, временските услови и состојбата на регионалниот пазар. 

Во овој контекст должни сме да наведеме дека цената што ја плаќаат домаќинствата како најизложена категорија на потрошувачи, е регулирана категорија која не зависи исклучиво од берзанските цени, а најавите од надлежните органи се дека нема потреба од стравување од ценовни шокови за граѓаните.

Важно е да се направи разлика меѓу обезбедување понуда на пазарот и гарантирање на енергетска сигурност. МЕМО обезбедува организиран и транспарентен механизам преку кој учесниците ќе ја набават потребната електрична енергија. Сигурноста на снабдувањето зависи од вкупното домашно производство, можностите за увоз, прекуграничните капацитети и состојбата на регионалниот енергетски систем.

Од досегашното искуство можеме да заклучиме дека понудата секогаш ја задоволувала побарувачката, со јасна дистинкција дека склучување на договор со кој ќе бидат во целост задоволени потребите на купувачот не зависи само од количината на понудата, туку и од подготвеноста на купувачот да ја плати цената која ја побарува продавачот.

Еден од главните услови за стабилна берза е високата ликвидност. Колку државната ЕСМ нуди вишоци на продажба преку МЕМО за да ја одржи ликвидноста на пазарот, особено во периодите кога треба да обезбедува струја и за регулираниот пазар за домаќинствата?  

-ЕСМ е најголемиот домашен производител на електрична енергија. Кога има вишок над количините што му се потребни за исполнување на обврските кон регулираниот пазар, тој вишок може да се пласира преку МЕМО. Сепак, количината што ЕСМ ја нуди на берзата не е фиксна. Таа зависи од производството, потрошувачката, хидролошките услови и сезоната. Во периоди кога ЕСМ има помалку расположлива електрична енергија и има поголеми обврски, нормално е и понудата на берзата да биде помала.

Затоа, од клучно значење е ликвидноста на берзата да не се потпира само на ЕСМ и сметам дека тоа го постигнуваме. За овие неколку години МЕМО создаде стабилен и конкурентен пазар, на кој активно учествуваат голем број на производители, трговци и снабдувачи. Улогата на ЕСМ е значајна, но ликвидноста на организираниот пазар на МЕМО се обезбедува во услови кога не доминира еден субјект, туку се обезбедува од сите учесници на поширокиот пазар.

Граѓаните што се на регулираниот пазар имаат заштитени цени на струјата, но индустријата и локалните бизниси ја купуваат струјата на слободниот пазар. Колку цената на мегават час на берзата на МЕМО директно ги диктира цените на основните прехранбени производи, лебот, млекото и услугите во продавниците?

-Цената на електричната енергија има влијание врз цените на производите и услугите, но не би рекол дека берзанската цена на МЕМО директно ја диктира цената на лебот, млекото или другите производи. Електричната енергија е само еден од трошоците во производството и работењето на компаниите.

Кај индустријата и бизнисите што купуваат електрична енергија на слободниот пазар, повисоката цена значи повисоки оперативни трошоци. Тој трошок може да се одрази врз крајната цена, но колку и кога ќе се пренесе врз потрошувачите зависи од конкретниот сектор, уделот на електричната енергија во вкупните трошоци, договорите за снабдување и конкуренцијата на пазарот.

На пример, кај производството на леб или млеко, покрај струјата имаме и трошоци за суровини, транспорт, работна сила, амбалажа и други компоненти. Затоа не може да се каже дека ако берзанската цена на струјата порасне за одреден процент, автоматски за истиот процент ќе порасне и цената на производот. МЕМО не влијае врз цените на основните прехранбени производи. 

Разгледувате да се воведат и т.н. негативни цени на струјата.  Како тоа би влијаело врз производителите од обновливи извори и врз инвестициите во нови соларни и ветерни електроцентрали?

-Негативната цена, пред сè, е сигнал дека во одреден период понудата на електрична енергија значително ја надминува побарувачката. Тоа не треба да се гледа како проблем само по себе, туку како пазарен сигнал кој им помага на учесниците подобро да ги оптимизираат своите производни и потрошувачки одлуки.

За производителите од обновливи извори, ваквите цени можат да бидат дополнителен поттик за попрецизно планирање и активно управување со производството. Особено кај соларните електроцентрали, каде што најголемото производство се случува во часовите со најмногу сончева енергија, може да се појават периоди со зголемена понуда и пониски цени. Во такви услови, производителите ќе имаат поголем мотив да инвестираат во флексибилност, складирање на енергија и подобро управување со своите позиции.

Кај новите инвестиции, негативните цени не значат дека треба да се забави развојот на обновливите извори. Напротив, тие испраќаат сигнал дека идниот развој на производните капацитети треба да оди паралелно со развојот на флексибилноста на системот – батериски системи за складирање, управување со потрошувачката и подобро балансирање на производството.

Кога цената оди под нула, пазарот сигнализира дека во тој момент има вишок електрична енергија и дека е потребно или да се намали производството, или да се зголеми потрошувачката, односно да се активира флексибилноста и складирањето.

Од тој аспект, сметам дека негативните цени се корисен инструмент доколку се дел од добро организиран и конкурентен пазар. 

Европското искуство покажува дека негативните цени веќе стануваат сè почест дел од пазарната динамика. Затоа и за македонскиот пазар е важно да имаме механизам кој реално ќе ги одразува условите на понудата и побарувачката.

Европскиот механизам CBAM (данокот на јаглерод) се смета за една од најголемите закани за регионалното тргување. Доколку не се избориме за преоден период, колкава финансиска штета или губење на пазарот им се заканува на македонските производители и трговци од 2026 година натаму? 

-Од една страна, МЕМО расте, обемот на нашиот пазар ден однапред е зголемен што е одличен показател, пред сè, како резултат на зголемената доверба во нашата млада берза за електрична енергија. Но, CBAM создава парадокс – ја задржува зелената енергија внатре во националните граници. Затоа, потребен ни е систем што ќе придонесе кон поголема интеграција на пазарите, а не нивна изолација. Во сегашната форма CBAM предизвикува значителни нарушувања врз слободната трговија на пазарите со електрична енергија.

Дополнително, од исклучителна важност е да се напомене дека во услови на неизвесност предизвикана од механизмот на CBAM, зголемувањето на домашната потрошувачка, и тоа пред се од индустријата, може да придонесе за амортизирање на потенцијалот за настанување на дополнителна штета кај домашните производители. Од таа причина, актуелизацијата на т.н. дата центри како современи енергетско интензивни потрошувачи, ветува стабилност и мотив за понатамошни инвестиции на досегашните и идните инвеститори во производствени капацитети од обновливи извори на електрична енергија.

Што статистички и финансиски значи ’market coupling‘ (спојување на пазарите) за Македонија со берзите во Бугарија и Грција? Дали тоа за македонското стопанство ќе значи поевтина или поскапа струја?

-Market coupling, наједноставно кажано, значи дека македонскиот пазар на електрична енергија ќе биде директно поврзан со пазарите во регионот и со европскиот пазар. Тоа ќе овозможи електричната енергија полесно да се тргува преку граница, а прекуграничните капацитети да се распределуваат според понудата и побарувачката.

Тоа не значи дека цената во Македонија автоматски ќе стане иста како во Бугарија или Грција. Кога има доволно прекуграничен капацитет, цените имаат тенденција да се приближуваат. Но, ако има недостиг, голема побарувачка или ограничувања на мрежата, разликите во цените можат да останат.

За македонскиот пазар најважно е што со спојувањето добиваме поголем и поликвиден пазар, со повеќе можности за трговија и подобар ценовен сигнал. Тоа е особено важно за нашите компании, затоа што денес сме релативно мал и ограничен пазар.

Дали тоа ќе значи поевтина или поскапа струја? Не може однапред да се каже. Ако во Македонија цената е пониска од регионалната, може да има притисок таа да се приближи кон регионалното ниво. Но, ако во соседството има пониски цени или вишок електрична енергија, македонските компании ќе имаат можност да набавуваат по поповолни услови.

Што ќе промени воведувањето на т.н. аукции за Гаранции на потеклото на пазарот?

-Воведувањето на аукциите за Гаранции за потекло е следниот логичен чекор во развојот на овој пазар. Она што сакаме да го постигнеме со аукциите е пред сè поголема транспарентност и пазарно формирање на вредноста на Гаранциите за потекло. Наместо нивната вредност да се определува во ограничени или билатерални аранжмани, аукцискиот механизам ќе овозможи понудата и побарувачката директно да влијаат врз цената.

Ова е важно и за производителите од обновливи извори. Гаранцијата за потекло претставува потврда дека одредена количина електрична енергија е произведена од обновлив извор, а со развојот на пазарот таа потврда добива и конкретна економска вредност. За производителите тоа отвора дополнителна можност да ја валоризираат зелената компонента на произведената електрична енергија.

Од друга страна, за снабдувачите и компаниите, особено за оние кои имаат потреба да го докажат користењето на електрична енергија од обновливи извори, аукциите создаваат појасен, транспарентен и конкурентен начин за набавка на овие сертификати. Ова е особено значајно за компаниите кои се присутни на европските пазари и имаат сè поголеми обврски и барања поврзани со декарбонизацијата, одржливото работење и намалувањето на јаглеродниот отпечаток.

Важно е да нагласам дека ова не е само нов инструмент за тргување, туку дел од поширокиот процес на создавање модерен пазар на зелена енергија во нашата земја. Од април 2025 година до денес се издадени повеќе од 850.000 Гаранции за потекло, што покажува дека интересот за овој сегмент расте.

Каква е соработката на МЕМО со институциите од енергетскиот сектор и до каде е процесот за формирање оператор на пазарот на природен гас?

-Во однос на потребата од формирање оператор на пазарот на гас Владата веќе ја разгледа и усвои информацијата и донесе заклучоци со кои се предвидува преземање конкретни чекори за негово функционално воспоставување.

Согласно тие заклучоци, МЕМО е задолжен да започне со подготовка на сеопфатен план кој ќе ги опфати сите организациски, технички, ИТ, легислативни и финансиски аспекти неопходни за воспоставување и функционирање на операторот.

Важно е да се нагласи дека правната основа за организирање и управување со пазарот на природен гас како регулирана енергетска дејност од јавен интерес е поставена со Законот за енергетика.

При определувањето на најсоодветниот модел, анализирани се искуствата од повеќе европски и регионални пазари – од целосно либерализирани модели, како оние во Австрија и Унгарија, до хибридни модели во Грција, Хрватска, Бугарија и Романија. Врз основа на овие анализи, како најсоодветно решение е препознаен моделот на интегриран оператор на пазарот на електрична енергија и гас.

Тоа значи дека МЕМО, покрај постојната улога како оператор на пазарот на електрична енергија, би добил и дополнителни надлежности за организирање и управување со пазарот на природен гас.

За нас ова претставува значаен предизвик и нова одговорност. Целта е да се воспостави функционален, транспарентен и ефикасен пазар на гас, усогласен со европските практики и со можност за понатамошно регионално и европско поврзување.