Европскиот шеќерен гигант загрижен за жетвата: Неколку фактори ќе ги зголемат цените


Слабата жетва на шеќерна репка поради сушата и слабите врнежи од дожд ќе ги зголемат цените на шеќерот, предвидува германскиот „Зицукер“, наведувајќи ја пониската од очекуваната понуда и пренасочувањето на цвеклото кон производство на етанол како причини.

Помалата жетва ќе биде една од причините, изјави за Ројтерс извршниот директор на „Зицукер“, Нилс Порксен, но пренасочувањето на шеќерната репка кон производство на етанол, исто така, ќе ја „разреди“ понудата на шеќер.

„Светскиот пазар не е преплавен со шеќер. На европскиот пазар на шеќер има недостиг“, рече Порксен откако ги презентираше полугодишните резултати на компанијата, додавајќи дека, според него, затоа зголемувањето на цените е неизбежно.

Во јуни, пред топлотните бранови, Организацијата за храна и земјоделство на ОН (ФАО) процени дека производството на шеќер во ЕУ во 2025/2026 година ќе падне поради значително помалите површини под шеќерна репка. Земјоделците се откажаа од оваа култура бидејќи им носи помал профит отколку, пред сè, житарките, забележа ФАО.

Милион тони помалку жетва отколку во 2024 година
Сепак, производството во ЕУ треба да остане блиску до просекот од изминатите пет години во 2025/2026 година. Податоците на Евростат покажуваат дека во 2024 година жетвата на шеќерна репка во Европската Унија изнесувала 121,6 милиони тони. Оваа година, тоа би можело да биде околу милион тони помалку на европскиот пазар, проценува раководителот на Südzucker.

Според Европската комисија, просечната цена на белиот шеќер во ЕУ паднала на 499 евра за тон во јули, што е најниско ниво од август 2022 година.

Приходите на Südzucker во периодот од јануари до јуни изнесувале 4,19 милијарди евра и останале повеќе или помалку на нивото од истиот период минатата година, објави компанијата во четврток, наведувајќи дека силната побарувачка за биогорива делумно го компензира падот на приходите од шеќер и производи од скроб.

„Зицукер“ веќе објави прелиминарни податоци за приходите за првата половина од годината во септември и ја зголеми својата прогноза за целата 2026 година, објаснувајќи дека продажбата на биогорива била поголема од очекуваната.