Земјоделците преку писмо бараат помош од премиерот Мицкоски за катастрофалните состојби во македонскиот аграр


БИТОЛА – Земјоделците директно од премиерот Христијан Мицкоски бараат помош за, како што велат, катастрофалните состојби во македонскиот аграр. По одржаниот протест на сточарите и земјоделците во Пелагонија кај Тополчани, сега упатија писмо до премиерот Мицкоски.

Градинарите, лозарите, овоштарите, поледелците, сточарите и оризарите преку писмо бараат итна помош од државата.

„Искрено се надеваме на целосна кооперативност слух и поддршка од Владата и премиерот Мицкоски во изнаоѓање на конкретни и одржливи решенија и санација на катастрофалните состојби во македонскиот аграр“, велат од Националната земјоделска мрежа чии претседател е Ѓорги Каракашев.

Барањата до премиерот Христијан Мицкоски, земјоделците дел ги наведоа и на протестот во Пелагонија.

Поради проблемот со откупот на црвената пиперка – капија и ниската откупна цена, градинарите бараат итна комбинирана финансиска поддршка од 10 денари по килограм, составена од 5 денари за предаден килограм пиперка во регистрирани откупни и преработувачки центри, и по 20.000 по засаден декар со куртовска капија. Градинарите бараат итна исплата на субвенциите за 2025 година по килограм предаден род, донесување на стратегија за гарантирано и планирано производство и официјална државна пресметка за производната цена на куртовската капија произведена во пластеници и на отворено.

„Оваа година откупот на пиперката – куртовска капија помина катастрофално и земјоделците се во паника дали ќе може да ја пресретнат идната сеидбена година“, рече Панче Паланков, градинар од Струмичко.

Над 70 проценти од грозјето годинава остана необрано и презреано по нивите, велат земјоделците наведувајќи дека оваа состојба се должи на владата и МЗШВ кои не презеле навремени мерки за откуп. Во писмото земјоделците велат дека формирањето на комисии за проблемот со грозјето, за во октомври е задоцнето. Лозарите бараат итна финансиска помош од 150.000 по хектар за сите лозари без разлика дали грозјето го собрале или не, заради пазарниот колапс. Бараат исплатата да биде во рок од еден месец со цел лозарите да ги подмират сметките за вода, репроматеријали и други трошоци.

„Не е грешка на лозарите што родот и трудот им остана по нивите, грозјето необрано и не складирано, затоа бараме по 150.000 по хектар без оглед дали го обрале или не“, вели лозарот Зоран Јуруков од Кавадрци.

Овоштарите, во најголем дел јаболкопроизводители од Преспа, бараат интервентна мерка од 3 денари по килограм предадено јаболко, индустриско и конзумно, за реколтата 2026 од Интервентниот фонд заради ниската откупна цена (откупот на индустриското јаболко е 4 денари за кг.). Овоштарите си ги бараат и парите за 2024 година кои се уште не се исплатени – исплата на интервентна мерка од 2 денари по килограм предадени јаболка. Исплата на сите заостанати субвенции вклучително и мерките за рурален развој за регистриран земјоделец.
Поледелците се особено револтирани на проблематичната ставка за семенски материјал кај житните култури како услов за добивање на субвенции.

„Земјоделците не можат да земат субвенции заради една мерка воведена 4 месеци после сеидбата, во февруари, а тоа е дека мора да имале семенски материјал и количински од 150 кг. по хектар на 200 кг. по хектар. Значи кој може да знае каква мерка ќе донесат 4 месеци по сеидбата, тука проблемите ќе бидат допрва“, изјави Миле Кебакоски од здружението „Југозапад Фармери“.

Поледелците бараат утврдување на производната цена и заштитните цени на стратешките култури. Поддршка од 6 денари по килограм за пченица и јачмен, доисплата на сите заостанати субвенции за житото и сончогледот.

„Цената на пченицата во 1993 година беше 13 денари, сега е 9-10 денари за килограм. Значи кој економија сме ние, трети во светот? Во 1993 година нафтата беше 17 денари по литар, вреќа ѓубриво 250 денари, сега литар нафта 100 денари, вреќе ѓбриво 1.600 денари. Назад сме земјоделците цели 33 години“, рече земјоделецот Јуруков од Кавадарци.

Сточарите се соочуваат со неисплатени субвенции и како што велат монополско однесување на кланиците. Тие ги бараат субвенциите за откупено млекото од јули 2025 и 2026 и субвенциите за неразвиени подрачја за 2024 и 2025 година. Исто така и укинување на условот од 50 проценти предадени јагниња кој во 2024 година дисквалификуваше над 1.000 одгледувачи да земат субвенции; зголемување на субвенциите по грло говедо од 8.000 на 15.000 денари; реално обештетување за уништениот добиток поради болести; наместо најавените 100 денари по килограм, 250 до 350 евра по грло во зависност од расата на добитокот; повторно воведување на субвенции за оставено женско јагне.

„Бараме од МЗШВ да се вратат женските јагниња во програмата за субвенционирање. Значи сега сточарите до 12 месеци старост на јагнето не земаат никакви пари, ние на свој џеб имаме големи давачки за јагнето што не носи приплод. Друго, голем проблем за МЗШВ е што ни угинаа многу овци -над 10.000 глави од болест, чекавме вакцини од Турција, но тоа не се случи. Овчарите се оштетни од 1 милион евра од државата заради неисполнување на условот за предадено јагне во кланица“,изјави Горан Ризовски, одгледувач на овци од Пелагонија.

Оризопроизводителите бараат исплата по 48.000 по хектар за засеани површини со ориз за реколтата 2025, поради претпрпени пазарни нарушување. Утврдување на производната цена на оризот за реколтата 2026 и редовна исплата на зелената нафта.