Романски функционери со платен авион отишле на Миконос на средба со американски инвеститори

Владата на Боложан го одбила 20-годишниот договор со „Atlantic-SEE“ бидејќи ќе и носел загуби - до 310 милиони евра годишно


ЛНГ терминалот во Александропулис

Два месеца по падот на владата на Илие Боложан, на 8 јули, приватен авион полетал од аеродромот „Букурешт-Банеаса“ кон Миконос, грчки остров во Егејското Море. Во авионот се наоѓале судија од Уставниот суд, претседател на регионален суд, претседател на комисијата за енергетика при Сенатот, поранешен премиер, раководители на две компании под државна контрола и неколку бизнисмени. Авионот ги вратил назад истиот ден.

Романската стопанска комора (CCIR), која го платила летот, наведува дека делегацијата се сретнала со потенцијални американски инвеститори заинтересирани да вложат повеќе од 100 милиони евра во производството во Романија, како и во секторите енергетика, железница и земјоделска опрема. Комората не ги открила имињата на инвеститорите, нивните компании, ниту локацијата на островот каде што се одржала средбата.

Михаи Дарабан, претседателот на CCIR кој го организирал патувањето, на 14 септември изјави дека „одредени американски инвеститори престојувале на Миконос во тој краток период“. Тој рече дека нема да ги открие нивните идентитети, повикувајќи се на она што во Романија им се случило на брендовите „Ексон“ (Exxon) и „Шеврон“ (Chevron). Виктор Понта, поранешниот премиер кој бил дел од патниците, на 9 септември изјави дека патувал „со луѓе кои сакаат да инвестираат во Романија“. На прашањето кога ќе ги открие нивните имиња, тој одговори: „Откако ќе се формира влада“.

 За патувањето се дозна во јавноста на 7 септември, а го обелодени хакер кој ја проверил базата на патници на компанијата „Toyo Aviation“, која содржела околу 2.600 лични документи. Во базата на податоци биле наведени 13 имиња за летот до Миконос. 

Михаи Дарабан е на чело на CCIR од 2014 година и тој го организирал летот. На списокот на патници е наведен и Габриел Дарабан, комерцијален директор на „Oil Terminal“ – државен оператор за складирање и утовар на нафта во пристаништето Констанца. Габриел Дарабан е брат на Михаи Дарабан и негов сосопственик во компанијата „Global Defense Logistics“. Оваа компанија стана предмет на истрага од страна на обвинителите за борба против корупцијата во 2025 година поради договори поврзани со воздухопловната база „Михаил Когалничану“, која ја користат американските сили. Сепак, не е потврдено дали патникот и братот се истата личност, а не се пријавени ниту какви било обвиненија против Михаи Дарабан.

Комисијата за уставни прашања при Сенатот, со која претседава Надја Черва, спроведува истрага за летот до Миконос, како и за вториот приватен лет до Ница. Во средината на септември, Сенатот ѝ одобри на комисијата дополнителни 30 дена за поднесување извештај. Поплаки во врска со летот се поднесени и до обвинителите за борба против корупцијата, како и до Националната агенција за интегритет.

Пред летот Кимберли Гилфојл, американската амбасадорка во Грција, на 31 март вечераше во ресторанот „Изолета“ (Isoletta) во Букурешт со Гриндеану, тогашниот министер за енергетика Богдан Иван и Флорин Владика, советник на претседателот Никушор Дан. Гриндеану изјави дека разговарале за улогата на Романија во транзитот преку „Вертикалниот гасен коридор“, кој е дизајниран за транспорт на американски течен природен гас (ЛНГ) од Грција кон север, до Украина. Романската министерка за надворешни работи, Оана Цоју, на 28 септември изјави дека посетата на Гилфојл била приватен деловен настан, надвор од каков било официјален мандат.

Иван им пишал на Дан и Боложан на 16 јануари, барајќи државен договор за купување американски ЛНГ преку романскиот трговец „Nova Power & Gas“, кој е романски партнер на компанијата „Atlantic-SEE LNG Trade“. Грчката градежна групација „Aktor“ поседува 60 отсто од „Atlantic-SEE“, додека компанијата „DEPA Commercial“, поддржана од грчката држава, поседува 40 отсто. Регистрираниот лобист на „Aktor“ во САД, Христос Марафацос,  ја придружувал Гилфојл на средбите со странски функционери, според истражувањето на „Wall Street Journal“.  „Romgaz“, државниот производител на гас, го одбил 20-годишниот договор со „Atlantic-SEE“ во декември 2020 година, проценувајќи загуби до 310 милиони евра годишно, а владата на Боложан не го издала мандатот што го барал Иван.

ПСД (PSD) ја напушти коалицијата на Боложан на 25 април и  поднесе барање за гласање недоверба заедно со екстремно десничарската партија АУР (AUR) со што ја собори владата на Романија. Владата предводена од Адријан Вештеа, поддржана од ПСД, не го доби потребното одобрение при гласањето на 22 јуни. Претходните извештаи не пронајдоа докази дека САД наредиле смена на Боложан, дека некој политичар бил поткупен или дека спорот околу ТПГ бил причина за гласањето. 

Компанијата „Актор“ (Aktor) инаку поседува земјиште во Ано Мера на Миконос, каде што, меѓу своите проекти, наведува станбен комплекс со 95 соби за сезонски работници, вреден 12 милиони евра.„Актор“, нејзиниот извршен директор Александрос Ексарху, како и Марафацос и Гилфојл, не се спомнуваат во ниту еден објавен извештај за патувањето на 8 јули. Не постојат објавени докази кои укажуваат дека „Актор“ го организирал или присуствувал на состанокот, дека таму биле присутни Ексарху или Марафацос, дека присуствувала Гилфојл, дека учествувала компанијата „Атлантик-СЕЕ“, дека американските инвеститори ја претставувале „Венчур Глобал“  – добавувачот во договорите за гас на „Атлантик-СЕЕ“ – или дека состанокот се однесувал на Вертикалниот гасен коридор. Ниту еден извештај не го поврзува летот со Иван или со компанијата „Нова Пауер енд Гас“.

Портпаролот на владата, П. Маринакис,  коментираше дека „никогаш немало прашање за закана против грчката влада“. И навистина, такво прашање не се ни појави бидејќи грчката влада не направи ни најмала работа за да им даде на Гилфојл и на администрацијата на Трамп каква било причина да размислуваат за нејзино соборување – од претворање на Грција во енергетски коридор за американскиот ЛНГ (течен природен гас), замена на еден вид енергетска зависност со друг како „енергетска безбедност“, отстапување бази и инфраструктура, сè подлабоко вплеткување на земјата во стратешките планови на САД и НАТО, поддршка на геноцидот во Газа и на агресивните војни што ги водат САД и Израел во Иран, Јемен, Либан и на други места… место тоа секој нов чекор за поврзување на земјата со  САД го претставува како уште една „геополитичка надградба“.