Полицијата одзеде 20 електрични тротинети од мај навака


Фото: Б. Грданоски

Возачите на електрични тротинети и натаму претставуваат опасност по себе, но и по другите учесници во сообраќајот низ македонските улици, булевари и вело-патеки.

Иако полицијата постојано врши контроли и изрекува санкции, граѓани сведочат дека и натаму има малолетници кои возат електрични тротинети, качени и по двајца, а има и возрасни кои „пролетуваат“ без да носат заштитни шлемови и рефлектирачки елеци навечер.

Повеќе од 10 илјади сообраќајни прекршоци се констатирани во периодот од мај до август годинава, во рамки на засилените акциски контроли на Министерството за внатрешни работи. Контролите биле спроведени на целата територија на државата, а биле насочени кон прекршоците што ги прават возачи на електрични тротинети, велосипеди, велосипеди со помошен мотор, мопеди, мотоцикли, трицикли и четирицикли.

1.571 од санкциите се однесуваат на електрични тротинети, а само во август санкционирани се 606 прекршоци кај возачи на електрични тротинети. Од мај навака одземени се 20 електрични тротинети.

„Во рамки на контролите, полициските службеници констатираа вкупно 10.411 прекршоци, од кои 1.571 се однесуваат на електрични тротинети, 34 на велосипеди, а 8.806 на мопеди, мотоцикли и трицикли“, соопшти МВР.

Контролите се дел од активностите на Секторот за сообраќајни работи насочени кон зголемување на безбедноста во сообраќајот и почитување на сообраќајните правила од страна на сите учесници.

Најголем број прекршоци, вкупно 7.303, се однесуваат на некористење заштитен шлем – кацига. Констатирани се и 718 прекршоци за управување по несоодветна површина, 401 за управување нерегистрирани возила и/или возила без полиса за осигурување и 322 за некористење рефлектирачки елек.

Дополнително, евидентирани се 81 прекршок за управување од лице помладо од 18 години, 45 за управување под дејство на алкохол и 1.541 прекршок од друг вид.

Покрај прекршоците, во текот на акциските контроли откриени се и 619 кривични дела. Од нив, 604 се однесуваат на управување без возачка дозвола, 14 на управување под дејство на алкохол и едно на управување во забранет правец.

Во рамки на преземените мерки, одземени се вкупно 423 превозни средства, од кои 20 електрични тротинети и 403 мопеди, мотоцикли и трицикли.

Возачите на електрични тротинети имаат дури трипати поголема веројатност да задобијат трауматска повреда на мозокот во споредба со мотоциклистите, покажуваат најновите поразителни податоци од сеопфатната анализа на сообраќајните несреќи спроведена на територијата на Англија и Велс.