Каде одат општинските пари? 52 општини без граѓански буџет, а 27 без објавени договори за јавни набавки
Индекс на отворени општини за 2025: речиси шест од десет општини со минимална или недоволна отвореност; Крива Паланка убедливо прва, Град Скопје на 57. место
Колку се отворени општините кон граѓаните кога одлучуваат за трошењето на јавните пари? Колку простор оставаат за нивните потреби и приоритети и колку отчетно управуваат со општинските буџети? Иако локалната самоуправа е најблиското ниво на власт до граѓаните, транспарентноста, учеството во одлучувањето и контролата врз трошењето на јавните средства и натаму остануваат сериозен предизвик. Најновиот Индекс на отворени општини за буџетската 2025 година, кој Здружението за истражување и анализи ЗМАИ го објавува шеста година по ред, открива значителни разлики меѓу општините, но и системски слабости во начинот на кој локалните власти ги планираат, трошат и ги прават достапни информациите за јавните пари.
Просечната оценка на 81 единица на локалната самоуправа изнесува 38,4 од можни 100 поени, при што 47 општини се во категориите на минимална или недоволна отвореност. Крива Паланка повторно е на врвот со 86,4 поени и е единствената општина со сеопфатна отвореност на буџетските процеси, за што добива и сертификат од ЗМАИ за сеопфатна отвореност. По тој повод денеска на градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски му беше доделен Сертификат за сеопфатна отвореност на буџетските процеси за 2025 година. При доделувањето Директорот на ЗМАИ, Виктор Митевски, истакна дека после 6 години очекувале да има повеќе општини кои ќе можат да го исполнат условот за сеопфатност. Тој потенцираше дека од особено значење е дека општината има постигнато 100 од 100 поени во областа на вклученост и правичност и 98 од 100 поени во областа на транспарентност.
Градоначалникот се заблагодари за признанието со кое се одликува општината и истакна дека заслугата е тимска, заедничка на луѓето кои работат во општината. „За нас е важно граѓаните да бидат вклучени во одлучувањето за буџетот“, истакна тој, и истовремено им се заблагодари на граѓаните што се вклучуваат активно во процесите.
Најголемиот демократски дефицит останува учеството на граѓаните. Областа „Вклученост и правичност“ има просечна оценка од само 23,4 поени. Тоа покажува колку се ограничени можностите граѓаните, вклучително и маргинализираните групи, да предложат буџетски приоритети и да добијат информација дали и како нивните предлози биле земени предвид.
Достапноста на клучните финансиски информации останува сериозен проблем. Само 29 општини објавиле граѓански буџет, документ што им објаснува на граѓаните од каде доаѓаат приходите и за што се планираат расходите. Завршна сметка, преку која може да се следи реализацијата на буџетот, објавиле 61 општина. Кај 87,7% од општините буџетот не е достапен во отворен, машински обработлив формат, со што се отежнуваат споредбите и независната јавна контрола.
Дополнителен сигнал за потребата од поголема контрола доаѓа од јавните набавки. Договори за набавки не објавиле 27 општини, а 26 не објавиле годишен план за јавни набавки. Во 27 општини, најмалку 36% од набавките биле со само една понуда. Ваквите постапки укажуваат на ограничена конкуренција и потреба од подобро планирање и следење, без сами по себе да претставуваат доказ за незаконитост.
Споредбата со претходната година открива мешана слика. Уделот на општините што објавуваат граѓански буџет е намален од околу 42% во 2024 на 35,8% во 2025 година. Бројот на објавени завршни сметки е намален од 63 на 61, додека бројот на општини без објавен план за јавни набавки се зголемил од 23 на 26. Вклученоста и правичноста бележат подобрување од 20,4 на 23,4 поени, но и натаму остануваат убедливо најслабо оценетата област.

„Граѓаните треба да можат да видат каде одат општинските пари, да влијаат врз приоритетите и да проверат што е реализирано. Кога 52 општини не објавуваат граѓански буџет, а во секоја трета нема објавени договори за јавни набавки, јавната контрола е сериозно ограничена. Отвореноста на буџетите мора да стане редовна практика на секоја локална власт, независно од политичките процеси и промени“, истакнува Виктор Митевски, извршен директор на ЗМАИ.
ЗМАИ повикува општините навремено и во отворен формат да ги објавуваат буџетите, завршните сметки и документацијата за јавните набавки, да воспостават јасни механизми за предлози и повратни одговори од граѓаните и да преземат мерки за поголема конкуренција во јавните набавки. Индексот ги оценува транспарентноста, отчетноста, вклученоста и правичноста и антикорупциските практики, со цел резултатите да се претворат во конкретни подобрувања на локалното управување.
Целиот извештај можете да го погледнете на следниот линк., додека резултатие по општина можете да ги видите на следниот линк.