СДСМ со 2.000 амандмани против законот за јавни набавки


СДСМ ќе се обиде да го блокира донесувањето на законот за јавни набавки со поднесување околу 2.000 амандмани, рече претседателот на партијата Венко Филипче на денешната прес-конференција. Тој изрази забелешки на предложените законски измени, оценувајќи дека тие отвораат простор за трошење јавни средства без доволна контрола.

– Законот за јавни набавки е денеска на собраниска седница, претседателката Гордана Сиљановска – Давкова не го потпиша и го врати само за еден сегмент.  ​Имено во забелешките на претседателката стои дека таа има забелешка за мандатите на членовите во комисиите затоа што ако е неограничен мандатот како што се предлага во државната комисија за жалби и јавни набавки, тогаш имено можело да има влијание на управувањето и трошењето на јавни средства. Значи претседателката нема забелешка на другите работи – ние имаме, а тоа е зголемување на лимитот на пари за набавки без тендер од 5 на 10.000 евра за градежни работи, од 1.000 на 2.000 евра за стоки. ​10.000 евра може потроши кој било функционер каде сака, кога сака без никаква контрола и без да даде отчет никому. ​Тоа се предлага во закон за јавни набавки – рече Филипче.

Тој додаде дека се укинува обврска што е воведена во 2019 година, да се бара согласност од Бирото за јавни набавки за постапки за преговарање без оглас.

– И со ова се отвора неограничена можност да се прават набавки со договор во четири очи, без апсолутно никаква контрола. Понатаму се зголемува сумата за надоместок за поднесување жалба од сегашните 5 до 200 евра на 150 до 600. ​Целта е да се обесхрабрат фирмите, посебно помалите да не можат да се жалат за постапките затоа што ќе им биде скапа. ​Пристапот до јавни податоци беше бесплатен. Секој еден новинар, граѓанска организација, секој граѓанин можеше да има увид во формат некој погоден за обработка, а со измените сега треба да се плати на Бирото за јавни набавки. ​И затоа користејќи ја нашата законска можност ние поднесовме 2.000 амандмани со цел да го блокираме законот, да не помине, тоа е целта – рече Филипче.

Меѓутоа, како што додаде, деловничката одредба е таква да може да се дадат амандмани што се однесуваат само на дел за кој претседателката дава забелешка, односно за времетраењето на мандатите на луѓето во државните комисии за јавни набавки.

-Имајќи предвид дека на претседателката очигледно не ѝ смета така како што Христијан предлага, а тоа е да се зголемат лимитите на трошење без контрола, да нема контрола од Бирото за јавни набавки, да се плаќа за пристап до јавни информации…  ​Ете за таква власт станува збор, сè ќе направат, ќе тргнат некои работи што помалку им сметаат, само за да им поминат сите можни механизми за коруптивни и сомнителни зделки – додаде Филипче.

Пратеничката Сања Лукаревска, пак, праша дали повторно ќе се случуваат набавки како случајот со „бикови од 100.000 евра“, алудирајќи на претходни спорни трошења на јавни средства.

Покрај Законот за јавни набавки, лидерот на СДСМ отвори прашања и за влезот на „Алта банка“ во македонскиот банкарски систем и најавите за нејзина продажба.

Филипче го праша премиерот Христијан Мицкоски во кое својство најавува дека пронашол потенцијални купувачи за банката и дали бил вклучен во процесот на нејзиното доаѓање во земјава. Тој побара одговори и за улогата на гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, како и за одлуките на Владата поврзани со акциите на јавните претпријатија во „Алта банка“.

– Очигледно е, а гувернерот Трајко Славески тоа го потврди, дека премиерот знаел сè. Ние на тоа укажуваме повеќе од година дена, за врските со сестринската СНС. Очигледно е дека премиерот знаел, бил информиран за тоа дека „Алта банка“ доаѓа кај нас да ја превземе тогашна Стопанска банка Битола. Со кого преговарал? Разговарал ли со Давор Мацура, човекот кој што од менувачница направи банка со црни пари, криминални пари, пари од корупција, од шверц на дрога и не стави нашата земја во балканскиот картел на Александар Вучиќ – рече Филипче.

Филипче го праша Мицкоски зошто најавува продажба и бара потенцијални купувачи, доколку изборот на банки за учество во аукцијата и постапките поврзани со неа се во надлежност на Народната банка.

Претседателот на СДСМ на денешната прес-конференција побара Јавното обвинителство да го прекине молкот за „Алта банка“ и да ја испита одговорноста за нејзиниот влез во државата. 

Тој изрази сомнеж дека најавите за брза продажба можат да послужат за прикривање на потеклото на парите и трансакциите, наместо за целосно расчистување на случајот.

Филипче порача дека СДСМ ќе ги искористи сите законски и демократски механизми за утврдување на одговорноста, вклучително и надзорната расправа во Собранието.

– Ние ќе ги искористиме и ги користиме апсолутно сите законски легални можности коишто ни се на располагање, сите демократски методи. Надзорната расправа е една од тие работи. Ќе ги прашаме сите луѓе за коишто сметаме дека се инволвирани во процесот, дека имале своја улога, дека имаат своја одговорност во овој процес – нагласи Филипче.

Како што беше посочено, Филипче потсети дека Европската централна банка има истрага за „Алта банка“, Црна Гора го забрани влезот на оваа банка, а само Мицкоски дозволи нејзин влез во нашата држава, додавајќи дека наместо да ги следи европските стандарди и да го штити финансискиот систем, премиерот овозможува сомнителни финансиски трансакции и внесување капитал со сомнително потекло, со што директно ја загрозува стабилноста на банкарскиот сектор и интересите на граѓаните.

Претседателот на СДСМ, порача дека не е опозицијата таа што сака црно сценарио како што обвинува премиерот.

– Го слушам Христијан вели опозицијата сака црно сценарио. Не бе Христијан, најцрното сценарио е откога си ти на власт во државава. Вакво црно сценарио од 1991 година досега немало. Од 2024 година поцрно сценарио не може да биде – рече Филипче.

На новинарско прашање, Филипче одговори дека се подготвува и наскоро ќе биде поднесена интерпелацијата за гувернерот Трајко Славески.