Вечниот оган во центарот на Скопје, за 35 години независност доби сандали


 

Вечниот оган, во паркот „Жена борец“, во Скопје, првпат запален во 2012 година, на Денот на независноста,  денес, неколку смени на власта и надлежноста подоцна, и две недели по помпезната прослава на 35 години од независноста, доби сандали. 

Ниту некој се грижи за него, ниту некој го обновува, ниту некој од властите го спомнал, а грда слика е и за жителите на главниот град и за посетителите, странски или домашни. 

Претпоставувам дека туристичките водичи кои го роварат центарот на градот, покажувајќи им го скопскиот „дизниленд“, од кој сакале-неќеле, вадат некоја пара, го избегнуваат во широк круг, иако е потесното централно подрачје. 

Додека Градот се бори, што со нови камиончиња, што со највени нови контејнери, и одвреме-навреме некој здушна акција за собирање отпадоци од плочниците, патеките, кејот, улиците на која знаат да учествуваат и највисоките државници, како претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, на пример, сосе сите домашни и европски претставници кои битисуваат во главниот ни град, да подзачисти малку (одамна поминаа 72-та часа) за кои новиот градоначалник ќе го исчистеше Скопје – вечниот оган и понатаму инаетливо е згаснат. Таа група чистители (не чистачи, оти тоа не се), која се загна на масовната еко-акција „Генералка викенд“ на почетокот на мај, да потсобере отпадоци, од просторот на кејот, зад Владата, па сѐ до Собранието, никој не ја однесе спроти него, во паркот „Жена борец“ да го погледнат вечниот и оган, а не пак да го извадат ѓубрето од него!

Еве денеска, преку објективот на нашиот фотограф Борис Грданоски, погледнете како тој изгледа, а за тоа како изгледал пред три години, под една друга власт, прочитајте и видете во текстот подолу. (Б.Б.)

 

Вечниот оган во Скопје ем згаснат, ем канта за отпадоци