Национален форум за младинска работа во Охрид
Во Младинскиот центар во Охрид, од вчера до 12 ноември се одржува Националниот форум за младинска работа, како национална платформа за размена на искуства, идеи и добри практики меѓу младинските организации, институциите, општините и другите чинители во областа на младинските политики и младинската работа.
Во текот на тридневниот форум ќе се организираат панел-дискусии, работилници, презентации и интерактивни сесии, насочени кон унапредување на младинската работа и зајакнување на меѓусекторската соработка.
Во рамки на настанот ќе биде доделена и националната награда „Младински пријателски град“, со која ќе бидат наградени осум општини, по една од секој плански регион.
Наградите ќе им бидат доделени на општините за постигнатиот напредок во спроведувањето на обврските и стандардите предвидени со Законот за младинско учество и младински политики.
На форумот учествуваат претставници на релевантни институции, единици на локалната самоуправа, младински организации, меѓународни партнери, како и млади активисти од целата држава.