Вечниот оган во Скопје ем згаснат, ем канта за отпадоци


Вечниот оган 2023 (Фото: Б. Грданоски)

Очајна е состојбата со сите споменици во центарот на Скопје, но она што може да се забележи во паркот „Жена борац“, спроти Собранието, е дека им се нашла и „пренамена“. Имено, вечниот оган, кој е трет дел од споменикот на паднатите херои, е згаснат и тоа со шприц, а околу него празни лименки и други отпадоци.

Вечен оган 2023 (Фото: Б. Грданоски)

Вечниот оган се наоѓа на полутопка од бел гранит, тешка седум тони, а беше запален на 8 септември, Денот на независноста во 2012 година. По пуштањето на вечниот оган, тој за само три недели беше згаснат, но тогаш објаснувањата беа дека имало ненадеен прекин на електрична енергија. Во тоа време, овој споменик требаше да го одржува Општина Центар, која за тоа изнајми и фирма со која потпиша договор во времетраење од една и пол година, со вредност од 8.196 евра, односно 500.000 денари за одржување на огнот.  

Споменичното здание, пак, на паднатите херои за Македонија беше изградено во чест на сите знајни и незнајни борци и херои што го положиле животот за Македонија. Автор на Споменикот на паднатите херои, чија изработка чинеше 1,7 милион евра, е скулпторот Томе Аџиевски.

Кога прв пат се запали вечниот оган во 2012 година (Фото: Б. Грданоски)

Потоа, со смена на локалните власти во Општина Центар, одржувањето го презеде Град Скопје, но огнот не се разгоре.

Непријатно е да се гледа како туристите, странците, на кои око им фаќа да го видат ова обележје, се згрозуваат од глетката во него. Огнот на почетокот гореше среде кружен диск, но подоцна беше ограден со стакло, па наликува на аквариум. Сепак, кога ќе ѕирнете внатре, тоа не е ништо друго, туку канта за отпадоци.

Во ништо подобра состојба не се ни другите делови од споменикот, како и останатите, кои не се класични бисти или споменици.

Го имаме, а го запустевме. Од каде да земеме оганче и кого да пратиме да го донесе, за да потрае?