Герасимовски: 149 млади центарци добија по 10.000 денари за возачка дозвола
Општина Центар и оваа година финансиски им помага на младите да се стекнат со возачка дозвола. Од почетокот на годината до крајот на октомври, вкупно 149 центарци добија по 10.000 денари субвенција за обука и полагање за возачка дозвола Б-категорија.
Градоначалникот Горан Герасимовски изрази задоволство од интересот за мерката и ги повика младите кои ги исполнуваат условите да аплицираат.
„Ме радува што сè повеќе центарци ја користат оваа можност. Со субвенцијата од 10.000 денари помагаме на семејствата да ги намалат трошоците, а младите ги охрабруваме да станат одговорни и совесни возачи“, порача Герасимовски.
Право на субвенција имаат лица родени во 2006, 2007 и 2008 година.
Новина е можноста средствата да се исплатат и на трансакциска сметка на родител, а не само на сметката на барателот.
За аплицирање потребно е да се достават барање за субвенција, копија од лична карта, копија од трансакциска сметка, доказ за извршена уплата во автошкола и доказ дека автошколата е регистрирана на подрачјето на Општина Центар.
Барањата се поднесуваат во архивата на Општина Центар, барака бр. 6, секој работен ден од 09:00 до 15:00 часот.