Ексшеф на МИ6: Примирје во војната во Украина не е на повидок до следната пролет
Лондон – Прекин на огнот во војната во Украина не е на повидок до следната пролет, а траен мир меѓу Москва и Киев е практично невозможен додека Владимир Путин е на власт, изјави поранешниот шеф на британската агенција за надворешно разузнавање МИ6, Џон Соерс, на годишниот фестивал на „Фајненшл тајмс“. Соерс, кој ја водеше агенцијата од 2009 до 2014 година, рече дека двете страни веќе се исцрпени.
Најоптимистичкото сценарио за наредните години е конфликтот да се врати на ниво со низок интензитет и замрзната фронтова линија – ситуација слична на онаа по анексијата на Крим во 2014 година и пред целосната инвазија во 2022 година.
Соерс тврди дека следува „зима со висок притисок“ за регионот. Тој изрази скептицизам во врска со дипломатските мисии на американските пратеници Стив Виткоф и Џаред Кушнер, испратени од Доналд Трамп, нагласувајќи дека нивните посети на Москва и Киев веројатно нема да доведат до брз прекин на огнот.
И покрај песимистичкиот тон, поранешниот шеф на разузнавањето забележа дека важни процеси се одвиваат зад сцената во двете земји. Во Русија, незадоволството од тековната војна расте, а гласовите што бараат нејзин крај стануваат сè почувствителни.
Во исто време, во Украина, Володимир Зеленски е под сериозен внатрешен политички притисок и се соочува со тешкотии, особено по реконструкцијата во Министерството за одбрана и истрагите за корупција во неговата придружба.
Според Соерс, вистинска можност за сериозни преговори и прекин на борбите може да се појави дури до крајот на 2027 година. Сепак, ова би било можно само ако воената штета продолжи да тежи критично за двете страни, и конечно биде запрен сегашниот копнен напредок на руските сили. з