Беким Сејдиу официјално ја повлече кандидатурата за претседател на Косово
Универзитетскиот професор и поранешен дипломат Беким Сејдиу соопшти дека официјално ја повлекува својата кандидатура за претседател на Косово, наведувајќи ги како причина недостигот на поддршка во парламентот и компромитираната процедура за избор на нов шеф на државата, јави Косовското радио и телевизија.
Сејдиу, кој преку социјалната мрежа Фејсбук потврди дека веќе официјално ги информирал политичките лидери за своето повлекување, кон крајот на август беше предложен како заеднички консензуален кандидат на владејачкото Движење „Самоопределување“ на премиерот Албин Курти и опозицискиот Демократски сојуз на Косово (ДСК). Овој предлог пропроизлезе по долги преговори за излез од политичката криза, но уште следниот ден дел од пратениците на ДСК изјавија дека нема да гласаат за него.
„На Република Косово и на нејзините граѓани не им се потребни политички драми и продлабочување на поларизацијата, туку зрелост и обединување во име на зајакнувањето на нашата држава. Од сè срце се надевам дека политичките партии ќе најдат излез од овој маѓепсан круг, кој повеќе од сè ја помрачува надежта на граѓаните за подобра иднина и просперитет за нив и нивните семејства“, напиша Сејдиу.
Инаку, за избор на нов претседател на Косово е потребна поддршка од најмалку 80 од вкупно 120 пратеници во парламентот.
Од 5 април годинава вршител на должноста претседател на Косово е претседателката на парламентот Албулена Хаџиу, која ја презеде функцијата откако му истече мандатот на претходниот шеф на државата Вјоса Османи, а пратениците не успеаја навреме да изберат нејзин наследник.