„Континуитети“ – изложба на МАНУ во Црногорската академија на науките и уметностите
Во Црногорската академија на науките и уметностите (ЦАНУ) во Подгорица денеска ќе биде отворена изложбата „Континуитети“, со која Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) пред црногорската културна јавност ќе претстави дел од своето исклучително уметничко наследство и творештвото на автори кои со своето дело оставиле траен белег во македонската ликовна уметност.
Во центарот на оваа изложба се академиците-уметници, членови на МАНУ, чие творештво претставува еден од најзначајните сегменти во развојот на македонската современа уметност. Нивното присуство во една заедничка поставка овозможува да се согледа не само индивидуалниот творечки придонес на секој автор, туку и пошироката слика за уметничките процеси, вредности и поетики што ја одбележале македонската уметност во текот на повеќе децении, наведуваат од МАНУ.
„Континуитети“ е замислена како изложба во која делата зборуваат за авторите, а авторите за времето во кое создавале. Преку нивните различни уметнички јазици, стилови и лични поетики се отвора поглед кон една богата и слоевита историја на македонската ликовна уметност – од нејзините темелни модернистички определби, преку нејзиното развивање и афирмирање, до современите уметнички позиции.
Меѓу авторите застапени на изложбата се Никола Мартиноски, Димче Коцо, Вангел Коџоман, Димо Тодоровски, Димитар Кондовски, Јордан Грабулоски – Грабул, Петар Хаџи Бошков, Томе Серафимовски, Васко Ташковски, Влада Урошевиќ, Боро Митриќески, Младен Србиновиќ, Газанфер Бајрам, Киро Урдин, Глигор Чемерски, Омер Калеши, Невзат Бејтули – Кица, и Жарко Башески. Нивното творештво припаѓа на различни генерации и се развива во различни историски и општествени околности, но токму нивното поставување во заеднички простор ја открива суштината на „Континуитети“.
Од генерацијата која ги поставува темелите на современиот македонски ликовен израз, преку авторите кои го прошируваат неговиот јазик и неговите тематски и естетски хоризонти, до современите уметници, изложбата го следи творечкиот континуитет на една уметничка средина која постојано се менува.
Особената вредност на изложбата е во фактот што во неа се среќаваат автори чие дело не претставува само личен творечки опус, туку е вградено во пошироката историја на македонската култура. Нивното членство во Македонската академија на науките и уметностите е признание за нивниот исклучителен творечки придонес, но истовремено претставува и одговорност нивното дело да биде зачувано, проучувано и претставувано како дел од националното културно наследство.
Во тој контекст, Одделението за уметност на МАНУ има особено значајна улога. Како дел од највисоката научна и уметничка институција во државата, Одделението претставува простор во кој се среќаваат уметничкото творештво, критичката мисла и културното паметење. Неговата дејност придонесува кон афирмацијата на највисоките достигнувања во македонската уметност, но и кон нивното поврзување со современите текови и со меѓународниот културен простор.
Токму затоа „Континуитети“ има значење што го надминува карактерот на една изложба. Таа е претставување на македонската уметност преку нејзините најзначајни авторски индивидуалности, но и можност дел од уметничкото наследство создавано во Македонија да биде видено и прочитано во друг културен контекст.
Изложбата воедно е продолжение на соработката меѓу МАНУ и ЦАНУ. По претходната изложбена средба во Скопје, оваа возвратна изложба во Подгорица ја продолжува комуникацијата меѓу двете академии и ја потврдува важноста на културната размена како простор за меѓусебно запознавање, почитување и поврзување.
Изложбата ќе биде отворена со обраќање на акад. Павле Горановиќ, секретар на Одделението за уметност на ЦАНУ. На отворањето ќе се обрати доп. член Жарко Башески како еден од учесниците на изложбата, а Ивана Димов Џолева, координатор на изложбата, ќе го претстави концептот и реализацијата на поставката.
Свеченоста ќе биде збогатена со музички настап на доп. член Драган Даутовски, со што отворањето ќе добие и посебна музичко-уметничка димензија, се вели во соопштението од МАНУ.