Хутите зазедоа уште два острови во Црвеното Море, нафтата скокна на 108 долари
Јеменските бунтовници Хути ги зазедоа стратешките острови Голем и Мал Ханиш во јужниот дел на Црвеното Море, со што ја зајакнаа способноста на овие бунтовници, поддржани од Иран, да контролираат клучна поморска рута за транспорт.
Во меѓувреме, Иран тврди дека Саудиска Арабија стои зад одлуката на Оман да се одложи состанокот на кој требаше да се сретнат претставници на Иран и на други земји од регионот за да разговараат за теснецот Хормуз.
Претставници на Хутите во понеделникот изјавија дека ги презеле двата острова токму во моментот кога владините сили, поддржани од Саудиска Арабија, се обидувале да повратат територија изгубена поради брзото напредување на бунтовниците околу теснецот Баб ел-Мандеб – клучна алтернативна поморска рута во однос на теснецот Хормуз.
Иран практично го затвори теснецот Хормуз – низ кој во мирнодопски услови минува една петтина од светската трговија со нафта и гас – уште во првите денови од војната. Оттогаш, Саудијците го користат теснецот Баб ел-Мандеб, кој води надвор од Црвеното Море, за извоз на сурова нафта.
Најновото заземање територија од страна на Хутите, кое следи по преземањето на пристаништето Мока на Црвеното Море и еден стратешки остров минатата недела, врши дополнителен притисок врз саудиските пратки, а со тоа и врз глобалното снабдување со нафта и цените на енергенсот.
Ова би можело да му даде на Иран дополнителен адут во конфликтот со Соединетите Држави.
Кина, голем увозник на нафта од Блискиот Исток, во понеделникот ги нарече нападите на Хутите врз саудиската енергетска инфраструктура „неприфатливи“ и изрази „длабока загриженост“ поради понатамошната ескалација на активностите на бунтовниците против Саудиска Арабија.
Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багаеи, во понеделникот изјави дека Саудиска Арабија „побарала“ да се откаже „засега“ состанокот на кој требаше да се сретнат претставници на Иран и на други земји од регионот за да разговараат за теснецот Хормуз.
Багаеи го оцени состанокот, чиј домаќин требаше да биде Оман, како „вистинска можност“ за обновување на безбедноста во регионот.
Портпаролот додаде дека договорот меѓу Иран и Оман во врска со теснецот Хормуз е финализиран и дека ќе биде објавен подоцна. Саудиска Арабија поднесе измени на договорот, наведувајќи загриженост дека тој би можел да има трајни импликации за Ормускиот теснец, негативно влијаејќи врз другите земји од Советот за соработка во Заливот, според официјален претставник од Заливот запознаен со ова прашање.
Цените на нафтата се искачија над 108 долари за барел откако серија напади со дронови ја принудија Саудиска Арабија да го затвори својот нафтовод од исток кон запад.
Трговците во кралството предупредија дека ќе останат без залихи на нафта за извоз ако не биде отворен нафтоводот од исток кон запад во рок од неколку дена.
Цените на гасот, исто така, се искачија повисоко во понеделникот.