Хрватска воведува доживотен затвор за 15 најтешки кривични дела и ново дело – екоцид
Хрватската влада до Парламентот достави пакет измени со кои по првпат се воведува доживотен затвор, се дефинираат нови кривични дела против животната средина и поврзани со суровост кон животните, а значително се зголемуваат и казните, пренесуваат хрватските медиуми.
– Некои од измените на Кривичниот законик се дел од процесот на усогласување со законодавството на ЕУ, но се поттикнати и од нашата сопствена желба како Влада и Министерство да го подобриме системот на кривичната правда, врз основа на анализите и случаите со кои секојдневно се соочуваме – изјави министерот за правда Дамир Хабијан.
Согласно предложените измени, од 1 јануари 2027 година судовите ќе можат да изрекуваат доживотен затвор за 15 од најтешките кривични дела, кои во моментов се казнуваат со долготрајна затворска казна.
– На овој начин реагираме на реалните околности со кои се соочува нашето општество, а особено на извршените тешки убиства. Ова е еден од најважните закони во областа на правосудството – рече премиерот Андреј Пленковиќ.
Хабијан објасни дека според предлогот затворениците ќе можат да поднесат барање за условно предвремено ослободување откако ќе отслужат 25 години затвор, но тоа нема да значи дека ослободувањето автоматски ќе им биде одобрено.
– Судот ќе одлучи по барањето – рече тој.
Измените предвидуваат и посебни мерки за високоризични сторители на кривични дела кои целосно ја издржале затворската казна, но не биле предвреме ослободени. Надзорот ќе трае од една до пет години, а во случаите на најтешки кривични дела против деца – од една до десет години, додаде Хабијан.
Пленковиќ нагласи дека со измените ќе се укине и застарувањето за сите кривични дела за кои е предвидена долготрајна затворска казна или доживотен затвор.
Хрватската влада предлага и ново тешко кривично дело против животната средина – екоцид – во случаи кога се предизвикуваат катастрофални, долготрајни и неповратни штети врз воздухот, водата, почвата и екосистемот во целина.
За најтешките прекршоци поврзани со загадување на животната средина ќе се изрекуваат казни од 10 години затвор до долготраен затвор или доживотен затвор – мерки што се построги од барањата на соодветната директива на ЕУ. И за ова кривично дело нема да се применува застарување.
Се предлага и измена на Законот за одговорност на правните лица, со која глобите за компаниите ќе се зголемат од сегашните 20 милиони евра, односно 25 милиони евра во случаи што вклучуваат криминални организации, на 50 милиони евра.
Ќе се зголемат и казните за намерно предизвикување пожари. Наместо досегашната казна од шест месеци до пет години, сторителите би можеле да бидат осудени на затвор од една до десет години. Ако делото предизвика значителна материјална штета, казната ќе изнесува од три до 15 години. Кога последиците вклучуваат смрт или повредување на голем број луѓе, минималната казна ќе биде пет години затвор, а може да достигне долготраен затвор или доживотен затвор.
Со измените ќе се зајакне и кривично-правната заштита на животните. Се воведуваат нови кривични дела поврзани со сексуална експлоатација на животни и незаконско вршење ветеринарно-медицинска дејност, а истовремено значително ќе се зголемат казните за постојните кривични дела.
Предвидената казна би се движела од шест месеци до пет години затвор, односно од една до осум години за тешко кривично дело извршено со цел стекнување финансиска корист.
Дефиницијата за кривичното дело „убиство или мачење животни“ ќе биде изменета така што и само едно дејствие ќе биде доволно за да се квалификува како кривично дело.
На лицата прогласени за неспособни може да им биде изречена забрана за чување или стекнување животни, додека за сторителите осудени за кривично дело против животно се предвидува задолжителна забрана од овој вид.