Умрениот пред битолската болница не е лицето од видеоснимката влечено низ Битола
Лицето од видеоснимката која кружи на социјалните мрежи и на која се гледа како е влечено од друго не е починатиот човек пронајден во дворот на битолската болница, разјасни денес МВР.
-Во врска со видео снимките од социјалните мрежи, ве информираме дека од страна на СВР Битола утврден е идентитетот на лицата кои се на снимката, при што за расчистување на настанот повикани се повеќе лица на службен разговор.
Потенцираме дека споменатото починато лице Ј.И. во дворот на Клиничката болница Битола не е лицето кое на видео снимката е влечено од страна на друго лице.
Инаку, во врска со настанот ве известуваме дека на 31.08.2026 во 03:45 часот во СВР Битола е пријавено дека во близина на хотел на ул.„Широк Сокак” има нарушување јавениот ред и мир со тепачка. Веднаш по добиената пријава, постапено е од страна на полициските службеници и СВР Битола презема мерки за целосно расчистување на оваа пријава, соопштија од МВР.
Телото на човекот починат и најден во кругот на болницата е предадено на обдукција.
-Во врска со пријавата за починато лице на 31.08.2026 во 12:15 часот, при што беше пријавено дека во дворот на Клиничка болница Битола пронајден е починат Ј.И.(39) од Струмица, ве известуваме дека СВР Битола ги презема сите потребни дејствија во координација со ОЈО Битола, при што, од страна на јавен обвинител наредена е обдукција врз телото на починатиот. Целокупниот материјал од преземените мерки и дејствија ќе биде доставен до ОЈО кое и ја води истрагата.