Затвор за кавадарчанката што по сообраќајка избега во Германија
Пет години затвор доби 20-годишната В.З. од Градско за тешка сообраќајна несреќа со смртни последици што се случи пред 15 месеци во близина на Кавадарци. Судењето се одвивало во отсуство, а Основниот суд Кавадарци ја прогласил за виновна за кривичното дело „Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“.
Покрај затворската казна, на обвинетата ѝ е изречена и забрана за управување моторно возило од „Б“ категорија во траење од пет години.
Од судот информираат дека пресудата сè уште не е правосилна, бидејќи одбраната поднела жалба. Според утврденото, обвинетата управувала со возилото со голема брзина и преминала на спротивната коловозна лента, но не била под дејство на алкохол или други опијати.
Сообраќајната несреќа се случила на 5 ноември 2024 година, на регионалниот пат Кавадарци–Росоман, во близина на селото Рибарци. Во судирот меѓу возило „сеат“, управувано од обвинетата, и „опел“, животот го загуби 40-годишен сопатник од Велес, додека две лица се здобија со тешки телесни повреди.