Бавенди, Брус и Екимов добитници на Нобеловата награда за хемија


Кралската шведска академија на науките одлучи да ја додели Нобеловата награда за хемија за 2023 година на Мунги Г. Бавенди, Луис Е. Брус и Алексеј И. Екимов „за откривање и синтеза на квантни точки“.

Нобеловата награда за хемија за 2023 година го наградува откривањето и развојот на квантни точки, наночестички толку мали што нивната големина ги одредува нивните својства. Овие најмали компоненти на нанотехнологијата сега ја шират својата светлина од телевизорите и LED светилките, а можат да ги водат и хирурзите кога го отстрануваат ткивото на туморот, меѓу многуте други работи каде може да се применат.

Секој што студира хемија учи дека својствата на елементот се регулирани од тоа колку електрони има. Меѓутоа, кога материјата се намалува до нанодимензиони, се јавуваат квантни феномени; овие се регулирани од големината на материјата.

Добитниците на Нобеловата награда за хемија за 2023 година успеаја да произведат честички толку мали што нивните својства се одредуваат со квантни феномени. Честичките, кои се нарекуваат квантни точки, сега се од големо значење во нанотехнологијата.

Имињата на добитниците објавени од утрово?!

Имињата на добитниците на овогодинешната Нобелова награда за хемија најверојатно по грешка протекоа денеска, пред официјалното објавување.

Според шведските весници и државната телевизија СВТ, наградата за хемија ја добиле тројца научници кои работат во САД за „откривање и синтеза на квантни точки“. 

Шведската академија ги објави имињата во 11.45 часот по средноевропско време по состанокот и гласањето.

Портпаролката на Академијата, претходно рече дека не знае што се случило и дека ќе ја истражи работата и дека Академијата сѐ уште не донела одлука, дека токму сега се состанува и потоа ќе ја соопшти одлуката, како и обично, околу 11.45 часот.

Објавувањето на имињата на добитниците на Нобеловата награда е ретко бидејќи академиите задолжени за изборот на добитниците внимаваат да ги задржат нивните размислувања во тајност. Листата на номинирани исто така останува тајна цели 50 години.

Добитниците на Нобеловите награди за хемија за медицина и физика беа објавени во понеделник, односно вторник. Имињата на добитниците на останатите награди, за литература, мир и економија, ќе бидат објавени во наредните денови.