60-годишник украл безмалку 800 евра од онколошки пациент додека чекал ред да прими терапија

Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 60-годишник осомничен за кривично дело Тешка кражба од член 236 став 1 точка 3 од Кривичниот законик, информираат во Обвинителството.
Крадецот кражбата ја извршил на Клиниката за радиотерапија и онкологија, каде искористил невнимание на еден пациент од велешко, ја протнал раката во неговиот џеб и одзел 300 евра и 28.000 денари.
„Пациентот малку подоцна забележал дека му се украдени парите и пријавил во полиција, а сторителот бил идентификуван од снимките на видео камерите во болницата. Имајќи предвид дека сторителот бил и претходно осудуван, како и дрскоста со која делото сега го извршил во медицинска установа во која во исто време поголем број пациенти во тешка состојба, меѓу кои и оштетениот, чекале да примат терапија од која им зависи животот, јавниот обвинител на судијата на претходна постапка му предложи да определи мерка притвор за осомничениот“, наведено е во соопштението од Обвинителството.