29 декември во историјата – Американската армија изврши масакр над Индијанците Сијукси кај Рането Колено
На 29 декември 1890 година, во едно од последните поглавја од долгите индиjански војни во Америка, американската коњаница уби 146 Сиукси во резерватот Рането Колено во Јужна Дакота.
Во текот на 1890 година, американската влада беше загрижена за зголеменото влијание на духовното движење на Танцот на духовите, кое учеше дека домородните Американци биле поразени и ограничени на резерватите затоа што ги налутиле боговите со напуштање на нивните традиционални обичаи. Многу Сиукси веруваа дека ако го практикуваат Танцот на духовите и ги отфрлат начините на живот на белиот човек, боговите ќе го создадат светот одново и ќе ги уништат сите неверници, вклучително и неИндијанците.
На 15 декември 1890 година, резерватската полиција се обидела да го уапси Бикот Кој Седи, познатиот водач на Сиуксите, за кој погрешно верувале дека е танчер на духови, во резерватот Стендинг Рок и го убиле.
На 29 декември, седмата коњаница на Армијата на САД опкружила група на танчери на духови под водство на шефот на Сиуксите Големото Стапало и побарала да го предадат оружјето. Додека се случувало тоа, избила тепачка помеѓу Индијанец и американски војник и бил испукан истрел, иако не е јасно од која страна. Следеше брутален масакр, во кој се проценува дека биле убиени речиси 150 Индијанци (некои историчари наведуваат двојно поголем број), од кои речиси половината биле жени и деца. Коњаницата изгуби 25 луѓе.
Конфликтот во Ранетото Колено првично беше означен како битка, но во реалноста тоа беше трагичен масакр што можеше да се избегне. Опкружен со силно вооружени трупи, малку е веројатно дека групата на Големото Стапало намерно би започнала борба. Некои историчари шпекулираат дека војниците на 7-та коњаница намерно се одмаздувале за поразот на полкот во Литл Бигхорн во 1876 година. Без оглед на мотивите, масакрот стави крај на движењето Танц на духови и беше последната голема конфронтација во смртоносната војна на Америка против Индијанците од Рамнината на север од САД.
Конфликтот повторно дојде до Ранетото Колено во февруари 1973 година, кога тоа беше место на 71-дневна окупација од страна на активистичката група АИМ (Движење на американските Индијанци) и нејзините поддржувачи, кои протестираа против лошото постапување на американската влада кон домородните Американци. За време на судирот, двајца Индијанци беа убиени, еден федерален маршал беше тешко ранет и многу луѓе беа уапсени.